Видео спотот за последниот сингл Tricky Three на македонскиот електронски проект Tripnotic, зад кој стои продуцентот Емил Хаџи-Панзов, забележува се поголем успех на американските телевизиски мрежи.
Од оваа недела, спотот се наоѓа на официјалната плеј листа на телевизискиот канал mtvU, кој има публика од 9 милиони гледачи. Оваа телевизија е дел од мрежата на MTV и е наменета за младата популација. Нејзината програма се емитува преку кабелските оператори во САД, но и директно на сите американски универзитети и колеџи. Оваа недела, на плеј листата на mtvU, покрај спотот на Tripnotic беа додадени само уште две песни, новите синглови на Diplo и на Kendrick Lamar.
Спотот за Tricky Three веќе се емитува и на уште триесетина влијателни телевизиски канали и интернет портали, меѓу кои се и IndiMusic TV, h2O Television, VidDream, Video Hits, ScreenPlay, MOX.tv, Style-City Music, Video Detective, Dailymotion, muzu.tv, mtv.com, vh1.com и други.
Видеото е снимено во Њујорк кон крајот на минатата година во режија на Amber Moelter. Главната улога во Tricky Three ја толкува новата американска танчерска ѕвезда Kourtni Lind.