Реддит вчера официјално го започна изданието за 2023 година на заедничко уметничко онлајн дело r/Place, кое на првиот ден беше исполнето со протестни пораки против платформата и нејзиниот директор.
На „Глобалното платно“ r/Place секој корисник на Реддит може да стави еден пиксел во различна боја на секои пет минути и да пребришува пиксели на други корисници. На тој начин се добива еден џиновски колаж кој постојано го менува својот изглед.
Сепак овогодишната верзија на r/Place, која доаѓа по масовните протести на заедниците на Реддит поради промените кои ги направи компанијата, се претвори во огромен билборд на кој корисниците го искажаа нивниот бес. На сликата може да се забележат многу пораки „fuck spez“, навреди кои се однесуваат на Реддит корисничкото име на директорот Стив Хуфман. На едно место пак можеше да се види промоција на заедницата r/Save3rdPartyApps, со порака „никогаш не заборавајте го тоа што беше украдено од нас“. Оваа порака е во врска со тоа што Реддит започна да го наплаќа пристапот до нивниот програмскиот интерфејс (АПИ) од надворешните апликации, што претходно беше бесплатно.
Official r/place canvas timelapse: day 1
by u/reddit_irl in place
Од „Верџ“ денеска се обратиле до Реддит со прашање дали овие протестни пораки ќе бидат отстранети. Одговорот кој го добиле од портпаролот на компанијата бил дека едно од правилата за користење на платформата е дека секој вид омраза или напад врз приватни лица, вклучително и модови и администратори, се сметаат за кршење на правилата и дека таквите содржини ќе бидат отстранети.
И покрај ваквата изјава, критиките кон директорот на Реддит можат да се видат на „платното“ и утрово.
Сепак поголемиот дел од уметничкото дело на r/Place е посветено на вообичаени работи кои корисниците ги цртаа и во претходните изданија. Во моментов на сликата доминираат повеќе големи државни знамиња, како и популарни ликови од видеоигри или анимирани филмови, спортски ѕвезди, како и поддршка за Украина со знамето поставено во средина заедно со текст „Слава на Украина“, како и навреди кон рускиот претседател Владимир Путин.
Како изгледа „платното“ во реално време може да погледнете на следниов ЛИНК.