„Ги повикуваме скопјани да ни се придружат во јавниот притисок врз институциите. Кога неправдата станува закон, бунтот станува должност“, соопштуваат од Зелен хуман град (ЗХГ), кои со видео упатуваат порака за запирање на процесот за изградба на просторот спроти „Холидеј ин“.
„Поради огромно надминување на максималната густина на населеност и степенот на изграденост т.е. незаконска неусогласеност со актуелниот ГУП на Скопје, Општина Центар изработи елаборат за суспензија за ДУП Ц 08. Врз основа на елаборатот, Зелен хуман град во јули годинава поднесе претставки до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за да спречи продолжување на беззаконието спроти ‘Холидеј ин’“, велат од ЗХГ.
Од таму посочуваат дека Државната комисија за спречување на корупција во мај годинава побара Јавното обвинителство да преземе истражни дејствија околу начинот на којшто е донесен ДУП, бидејќи постои сомнеж за извршени злоупотреби на службената положба и овластување.
„Ги повикуваме Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Основното јавно обвинителство да се произнесат во следните 48 часа“, велат од ЗХГ.