Документарниот филм „Зошто не јас?” претставува шест млади луѓе кои ги раскажуваат своите успешни приказни за градењето кариера во Македонија. Дел од нив, своето образование го стекнале надвор од земјата и потоа се вратиле во Македонија да создадат своја компанија, додека останатите решиле да се обидат да направат нешто свое со образованието и знаењето кое го стекнале во земјава. Сите тие имаат меѓу 20-30 години и во својата област работат неколку години.
Своите приказни во филмот ги споделија: Илина Нешиќ од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество, Дамјан Дано основач на компанијата IWM Network, Артон Лена од Еурохаус А.Д, Ненад Антониевиќ претприемач од Денеса Тобако, како и Илир Сабриу и Алтрим Асани основачи на Unixi group.
Ова е првиот документарен филм во продукција на Младиинфо (www.mladiinfo.eu), иницијатива која континуирано работи на создавањето платформа каде што младите од Македонија, регионот, Европа и светот може да најдат можности за бесплатно образование и професионален развој. Продукцијата на филмот беше поддржана од програмата за мали грантови на Амбасадата на САД во Македонија.