[Видео+Галерија] „Сакаме правда“ – стотици граѓани на протестен марш побараа правда за смртта на 22-годишната Фросина

Бројни граѓани оставија траги од „крвави дланки“ кај Основниот кривичен суд во Скопје, на протестот на кој се бараше правда за трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова која пред два дена беше прегазена на булеварот „Партизански Одреди“.

На протестниот собир кој започна во 13 часот на булеварот, поточно на пешачкиот премин спроти пекарницата „Силбо“, граѓаните оставаа цвеќиња и палеа свеќи за Фросина. Се одржа и триминутен молк, за трите девојки кои изминатите неколку година загинаа на истиот булевар – Кулакова, Фросина Цековска која беше прегазена во 2015 година и за Викторија Николова која беше прегазена во 2022 година.

Граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Обвинители = соучесници, убијци“, „Смртта на Фросина е пропуст на системот!“, „Не е ‘Партизанска’ проклета, проклети сте вие“, „Не е несреќа, туку убиство“, „Врските не враќаат човечки живот“…

Меѓу присутните беше и студентката на Факултетот за драмски уметности Мартина Даниловска. Таа за Радио МОФ изјави дека првенствено е тука за заедно да ѝ се оддаде почит на Фросина.

„Исто така дојдов овде затоа што сметам дека свеста ни е на ниско ниво и ми е жал што нема доволно луѓе денес, иако никогаш не е доволно за вакви ситуации. Ама редно е еднаш засекогаш да се има правда во нашава земја, како што гледаме дека нема. Треба сè помасовни и помасовни да сме, затоа што кога системот не функционира, народот треба да преземе нешто во своите раце. Мојата порака до институциите и надлежните би била само да бидат посвесни и погрижливи затоа што само со грижата може да просперираме“, рече Даниловска.

Револтот кон системот е она што ја натерало на протестот да дојде и Вера Ристовска.

„Цел систем треба да се рестартира, да се работи според закон, да се работи чесно, да се работи достоинствено. Сметам дека Скопје не е безбеден град. Не само од гледна точка на сообраќајот, туку има тепачки по кафулињата, продавање на дрога – сето тоа треба да се санкционира“, рече Ристовска.

Протестот кој беше најавен на социјалните мрежи, потоа прерасна во марш. Стотици граѓани маршираа низ скопските улици извикувајќи „Сакаме промени“, „Нема правда, нема мир“, „Сакаме правда“, „Убијци“…

Најпрвин, маршот застана кај Собранието, каде исто така се одржа триминутен молк.

Пред граѓаните се обрати Борјан Ефтимов кој рече дека не може една година да има камери и радари, а да не функционираат, поради тоа што, како што тој рече, „чекаме некој од горе да ги напише законските решенија“.

„Веруваме дека во Собранието има и чесни и искрени луѓе меѓу другите, затоа ги повикуваме тие пратеници кои вистински се грижат за овој народ во најбрз можен рок самите да ја иницираат постапката и самите да ги предложат тие законски решенија. Бараме решенија!“, рече Ефтимов.

„Но, не бараме само решенија за во иднината, бараме и одговорност за сите жртви од изминатите години. Затоа, да се упатиме пред обвинителството, потоа и пред судот, и да им покажеме со прст кои се тие кои замолчуваат секој ден додека млади луѓе ни гинат на улици“, додаде тој.

Маршот потоа продолжи кај Кривичниот суд. Таму, бројни граѓани оставија отпечатоци од „крвави дланки“ на платото пред судот, а беше испишана и пораката „убијци“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

На граѓаните им се обрати Александар Митров, кој се присети на протестите и случајот за Мартин Нешковски.

„Да ја искористиме оваа енергија, а да не нè искористат. Убаво е да сме гневни, но треба да бидеме и разумни. Ако бараме тие да го решат проблемот – нема да го решат. 30 години бараме, протестираме. Да не се задоволуваме ова да заврши на протест. Ве молам, меѓу вас младите, имате лидери, организирајте се, наивно е да очекуваме дека тие ќе се сменат преку ноќ“, рече Митров.

Тој ги повика присутните, како што рече, да го искористат гневот паметно.

„Организирајте се меѓу вас, да направиме нови институции. Ако бараме од парламентот, тие нема да сменат, само ќе нè шминкаат“, додаде тој.

Протестен собир денеска од 15 часот се одржа и на градскиот плоштад во Неготино, од каде што потекнуваше Кулакова.

„Со огромна болка и револт да се собереме на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано. Време е да кажеме ‘Доста е!’“, пишуваше во најавата за собирот.

Инаку, обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач В.Ј., кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Одреден му е притвор од 30 дена.

Претходно, обвинителството соопшти дека тој бил обвинет за други кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, В.Ј. бил во притвор, а скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.

Ангела Петкова / Борјан Гаговски / Мартин Колоски

фото и видео: Радио МОФ