Илјадници луѓе попладнево на протестен марш во Скопје побараа правда за 22-годишната Фросина Кулакова која пред неколку дена смртно беше прегазена на булеварот „Партизански Одреди“ во Скопје, во близина на Универзалната сала.
Протестот кој започна на „Партизански Одреди“ продолжи кон Собранието и Кривичниот суд каде се одржа триминутен молк, а за време на молкот, граѓаните светеа со подигнати телефони нагоре.
На маршот се скандираше „Секој еден може да е следен“, „Убијци“, „Системски промени“, „Правда за Фросина“, „Бараме правда“, а бројни граѓани транспаренти на кои, меѓудругото пишуваше „Не се грижи мамо, судството ќе ме ‘спаси’“, „Прошка нема, правда мора да има! Време е!“, „Доживотен затвор“, „Кога правдата станува закон, отпорот станува должност“, „Има тендер за живот?“.
Единствен говорник беше таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој заедно со семејството беше присутен на протестот, а кој им се обрати на граѓаните од пред Собранието. Тој им се заблагодари, додавајќи дека не очекувал во толку голем број да им дадат поддршка, за која рече дека им е повеќе од неопходна.
„Ова што ни се случува најблизу може да се објасни како непомирлив судир меѓу два различни вредности, цивилизациски концепти. Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила, базирани врз цивилизациски коректни начела, каде што децата се учат во домовите, во школите, во црквите. И затоа некои од нив заради таквиот хуманистички пристап стануваат херои на нашето време. Дозволете ми, Фросина да ја сместам во тие херои на нашето време. Девојче за пример, врвен интелектуалец за своите години, врвен дизајнер. Светските врати и беа отворени, изминатите четири години, еднаш годишно одеше во Париз, сега ја усмртува баш кога си уплаќа за четвртиот пат да оди во Париз на модна ревија. Другите, оние кои се задоени со чемерот на антисистемот, претварајќи се во наркодилери, насилници, убијци, заедно со тешко потплатени судии, обвинители и други, кои што судии, обвинители, проценители, извршители направија балкански дуќани, друштва за наддавање како аукциски куќи, кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“, рече Кулаков.
Дополнително, тој рече дека да не биле реакциите на јавноста преку социјалните мрежи, Фросина, како што рече, ќе поминеше како и сите претходни случаи, односно скоро заборавена.
фото: Радио МОФ
View this post on Instagram
Масовен протестен марш во Скопје се одржа и пред два дена. Граѓани тогаш оставија траги од „крвави дланки“ пред Кривичниот суд во Скопје. Истиот ден, протест се одржа и во Неготино. Дополнително, правда и одговорност се побара и на протест кој денеска се одржа во Кавадарци.
Инаку, трагичниот настан се случи на 29 јануари. Обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач В.Ј., кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Него му беше одреден 30-дневен притвор.
Обвинителството претходно соопшти дека тој бил обвинет за други кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и му бил определен притвор. Скопскиот Кривичен суд го упатил осомничениот во воспитно-поправен дом во Тетово и му го укинал притворот, по што Јавниот обвинител вложил жалба и предметот е во жалбена постапка.
Мартин Колоски