[Видео+Галерија] Вевчанци ги покажаа маските на традиционалниот карневал

Стотици вевчанци на температури околу нулата попладнево ги презентираа своите маски на традиционалниот Вевчански карневал кој се организира за празникот Св. Василиј, односно Василица.

Дефилето на маски мотивирани од различни животни ситуации и оваа година привлече голема посетеност. Ова е втор ден од карневалот, откако вчеравечер и официјално започна со музичка програма.

Вечерва повторно следува музичка програма која ќе започне во 19:30 часот со Љубојна, по што следуваат Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани и Перо Бели и Коки Биоритам. Се’ завршува утре со василичарско оро и палење на овогодишните маски во центарот на селото.

Вевчанскиот карневал минатата година беше прогласен од Министерството за култура и за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Мартин Колоски