Големо платно со порака „Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ“ синоќа се појави меѓу наполнетата денсинг сала на Младинскиот културен центар во Скопје, каде се одржа 11-то издание на фестивалот за свежа и независна музика „Земјотрес“.
Пораката на младите уметници и активисти од движењето „Сите за МКЦ“ беше еуфорично прифатена од присутните, платното се развиори и го држеа над себе десетици луѓе, додека Дина Јашари ја изведуваше песната „Дома“, овој пат адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“.
Платното со натписот потоа беше распространето и во долниот хол на МКЦ, каде за време на целиот фестивал можеше да се купат беџови, стикери и да се донира за каузата на „Сите за МКЦ“.
Истовремено акцијата ја прифатија и артистите на „Земјотрес“. За време на настапите на видео-бимовите стоеја пораки „Ова е наше МКЦ“, заедно со имиња на бендовите, но и натписи „Земјотрес за МКЦ“. Голем дел од артистите упатуваа зборови со поддршка за МКЦ и меѓу песните.
Самиот фестивал се одржа со настапи на над 20 бендови и диџеи, распространети на три стејџови низ култниот Центар, кој беше исполнет со главно млади луѓе за да следат програма до утринските часови.
На сцената, меѓу другите, се качија состави како „Преку ред“, „Дивоградба“, „Фулиш Грин“, „Занаду“, „ВЕЛ“, „Вагина корпорација“, „КЕМ“, „Ред18“, „Педро Хоризонте“, „Пич Вајс“, „Допе Куќата“, Миа Перевска, Димиш… Голем дел од нив се составен дел од растечкиот „Гола планина“, колектив на нова генерација музички откровенија што донесоа свежина на алтернативната сцена. Млади артисти што свират, но и се дружат меѓусебно со други бендови од новиот бран. Секој на секој е публика и поддржувач. Токму вака поставениот колектив разви културолошка и социјална врска со МКЦ и целата заедница што гравитира во Центарот, па следствено е нивната голема застапеност во „Земјотрес“.
View this post on Instagram
Традиционалниот „Земјотрес“ низ последната деценија стана еден од белезите на МКЦ. Годинава дојде во време по случувањата и реакциите со смената на досегашниот в.д. директор Ванчо Богоев и поставувањето на детективот Никола Алексов. Исто така беше намален и програмскиот буџет на МКЦ, причини што досега поттикнаа масовен протестен музички настан на платото на Центарот, за потоа движењето „Сите за МКЦ“ да организираа и протестна акција пред Град Скопје.
Досега беа собирани над 1.000 рачни потписи. Исто така, скоро 6.000 потписи преку онлајн петиција против политизирање и кратење на буџетот на МКЦ.
Градоначалничката Данела Арсовска меѓувремено на прес-конференција обвини дека во МКЦ се „вршеле злоупотреби“ и биле „испумпувани“ средства од Центарот. Негираше дека на досегашнот в.д. директор се вршело притисок, ниту дека Богоев е разрешен, туку согласно закон му завршил мандатот, за потоа на пресот да каже дека „забележаните недоследности по годишната ревизија беа клучни за носењето на одлуката на Богоев“.
Програмскиот колегиум на МКЦ одговори со контра аргументи – стандардната ревизија не е завршена, па оттука ваквите обвинувања ги карактеризираа како „неосновани, контрадикторни и паушални“, повикувајќи ги надлежните институции да се охрабрат, истражат и ја истераат работата до крај. Побараа да не им се праќаат неовластени лица да им вршат распити. Да не им се врши мобинг и притисок на работното место, додека очекуваат регуларен и фер конкурс за директор на институцијата.
Оваа институција лани наполни 50 години. Од Град Скопје за јубилејот ја доби наградата „13 Ноември“ за развој на културата и афирмација на младинското творештво.
Бојан Шашевски