По неколку изведби низ државата, последната изведба на претставата „Види, летам!“ е закажана за утре (5 декември) на Академската Сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје со почеток во 20 часот.
„Оваа изведба на „Види, летам!“ е во чест на 30-годишнината од отворањето на Претставништвото на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци во Северна Македонија“, се вели во најавата.
„Види, летам!“ е претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство.
„Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделија своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Нивните идентитети во текот на целиот процес остануваат заштитени и анонимни. Раскажаните приказни авторот на претставата Ана Ристовска Трпеноска ги преточи во емотивен текст кој што говори за трауматичните настани низ кои овие лица поминувале но и за нивните детства, соништа, емотивни потреби, љубовни искуства и потребата да бидат дел од задницата која често ги отфрла“ пишува во описот.
Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Сара Спиркоска.
Претставата е поддржана од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНЦХР) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Вондерленд театар е независна театарска продукција со седиште во Скопје. Главните цели на продукцијата поткревање на свеста а потребата од културна и општествена промена како и внесување свежина на независната уметничка сцена, експериментирајќи со алтернативни места и виртуелен простор.