„Вие како генерација по многу нешта сте посебни“ – УКИМ ја пречека првата Ковид-бруцош генерација

Во поразлични услови досега, прилагодени на мерките за безбедност поради Ковид-19, најстариот и најголем државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ја пречека новата генерација студенти.

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Горан Коевски им се обрати на присутните студенти на платото пред факултетот, каде академскиот час се одржа со физичко присуство.

„Вие како генерација по многу нешта сте посебни. Повеќето сте родени во конфликтната 2001 година, првата генерација која запиша деветолетка, најмалубројна генерација средношколци која не полагаше државна матура, згора на се, вие сте Ковид-бруцошка генерација. Ги започнувате студиите во ткн. „нова реалност“ преку онлајн настава во овој зимски семестар, но сметаме дека сме добро подготвени со тој предизвик“, рече тој.

Деканот Коевски ги спомена брзите и драматични промени во образованието, но и нивните напори високото образование да биде поквалитетно, помобилно и поевропско. На студентите, пак, тој им вети дека ќе бидат гледани како рамноправен партнер во донесување на одлуките.

Првиот час на дел од факултетите на УКИМ ќе се одвива целосно онлајн, но на дел од факултетите се одржа онлајн. Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, физички присуствуваше на првиот академски час на Правниот факултет, но се обрати и онлајн пред бруцошите на Економскиот факултет.

„Драги бруцоши, денешниот ден ќе биде забележан во календарот на вашите животи како еден од позначајните. Денес вие станувате дел на реномираното академско семејство“, рече тој во своето обраќање на платото на Правниот факултет.

„Од денес, свечено му припаѓате на УКИМ, а припаѓањето на УКИМ е чест, но и голема обврска затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење“, додаде тој.

И Јанкуловски посочи дека пандемијата го променила текот на универзитетот, но била и катализатор за одредени промени.

„Пандемијата не’ принуди привремено да ги напуштиме амфитеатрите и незаменливите конвенционални катедри и да ги замениме со дигитални алатки за непречено да продолжиме со наставниот процес“, рече тој.

Наставата во оваа академска година на дел од факултетите на УКИМ ќе се одвива целосно онлајн, но на дел од нив, поради природата на наставните содржини и на методите на нивното изучување, беше најавен хибриден модел, со онлајн и физичко присуство.

„Драги студенти, пред нас стојат многу предизвици. Наша задача е да ви пренесуваме знаења и да ве носиме низ непресушните извори и светските научни дострели на фундаменталните и апликативните достигнувања. Ваша задача е да ги совладате знаењата затоа што тие суштински ќе ви ги дефинираат и насочат животите. Процесот на учење исто како и животот не е секогаш лесен, понекогаш ќе се соочувате со пречки. Но, ве советувуам тие мали потешкотии да ги гледате како предизвици и како поголем стимул за стекнување на знаење“, им порача ректорот Јанкуловски на новите студенти.

„Условите на пазарот на трудот се брутално сурови. Бараат квалитет, одличичност, извонредност, не признаваат ниту површност ниту импровизации. Учете и работете трпеливо“, додаде тој.

Ги повика студентите да бидат нивни партнери, но и коректори.

Свое обраќање имаше и претседателот на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет, Кристијан Зумровски кој упати куса порака до своите нови колеги.

„Бидете проактивни, вклучете се во процесот. Кон проблемите пристапувајте, не бегајте од нив. Бидете гласни против сите неправди и делувајте колективно и солидарно“, им порача тој.

 

Емилија Петреска