Изморен од цензурата на социјалните мрежи, виенскиот борд за туризам има невообичаен пристап при прикажување на најпознатите светски уметнички дела во музеите: институцијата започна да дели понуди за претплата на „ОнлиФенс“.
Потегот е дел од кампања на виенскиот борд за туризам, во кој членуваат бројни виенски музеи. Кампањата е насловена „Виена се расоблекува на „ОнлиФенс“, а идејата е да се промовира уметноста на невообичаен начин.
Префрлувањето на уметноста на „ОнлиФенс“ се случи откако „Фејсбук“, „Инстаграм“, и „ТикТок“ во бројни наврати ги цензурирале објавите на музеите кои содржеле „експлицитни“ уметнички дела.
Хелена Хартлауер, потпаролката на бордот за локални медиуми изјавила дека во време кога социјалните мрежи се неодминливи при промоција на туризмот и уметноста, алгоритмот на социјалните мрежи не го препознава културното наследство.
Во јули, „ТикТок“ профилот на Музејот во Албертина бил суспендиран, па блокиран поради прикажување на уметноста на јапонскиот уметник Нобијоши Араки која вклучувала женски гради. Објавата била блокирана поради неколку пријавувања за несоодветна содржина.
Во 2019 година, „Инстаграм“ отстранил уметничко дело од Питер Пол Рубенс поради злоупотреба на стандардите на социјалната мрежа.
Во 2018 година, „Фејсбук“ отстранил фотографија од Природонаучниот музеј на која е прикажана статуата на Венера, поради промовирање на порнографија.
Хартлауер истакнала дека ваквиот вид на цензура може да биде опасен и штетен за уметниците.
„Ваквата појава може да доведе до потсвесна автоцензура, односно уметниците можат да почнат поинаку да ја креираат уметноста, а колекционерите да собираат одреден тип на уметност, бидејќи знаат дека социјалните мрежи не промовираат одреден тип на уметност“, дополнила таа.
На „ОнлиФенс“ профилот на виенскиот борд за туризам се вели дека профилот бил создаден за да се даде на уметноста слободата која ја заслужува. Истовремено, профилот известува дека првите корисници ќе добијат „Виенска градска карта“ или билети за во живо да ги видат претставените уметнички дела.