Со околу 400 гости од кои 160 се странски и 79 извонредни филмови, од 23 до 29 септември ќе се одржи Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Организаторите посочија дека на 44. издание на Фестивалот ќе се прикажат извонредни филмови во главната селекција од Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан.
Директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски денеска на прес-конференција истакна дека за отворањето и затворањето на Фестивалот ќе бидат прикажани македонски филмови, а ги претстави и останатите програми од кратката селекција, документарните филмови, студентските филмови, како и филмовите кои публиката ќе може да ги погледне на отворено од своите автомобили.
„На Фестивалот ќе се одржи тркалезна маса на шест исклучителни жени кинематограферки кои ќе проговорат за предизвиците во професијата, Балканска конференција на кинематографери од која ќе произлезе Манифест, потоа сите кино-прикажувачи ќе потпишат Меморандум за да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината, следува проектот ‘Наследниците на Манаки’, каде најмалите се внесуваат во светот на филмот, снимаат филмови и ги прават првите чекори во оваа сфера. Годинава и амбасадите на Германија, Франција и Италија организираат вечери на нивната култура поврзани со филмовите кои ќе бидат прикажани на Фестивалот и авторите кои ќе бидат наши гости“, рече Дамевски.
Дополнително, содржините на „офф-програмата“ почнуваат еден ден порано од официјалното отворање на Фестивалот со Филмско кабаре. Во склоп на оваа програма, предвидени се дискусии, работилници, изложби, аудио презентации, друштвени игри и слично.
Целосната програма на годинешното издание може да се погледне на следниов ЛИНК.