Главниот град на Литванија, Вилнус, е претворен во кафуле на отворено, откако властите дозволија баровите и рестораните бесплатно да постават маси на отворено.
Целта на оваа акција е да им се помогне на бизнисите, но истовремено и да се почитуваат правилата за социјално дистанцирање во земјата која полека ги намалува рестрикциите поради коронавирусот.
Продавниците, козметичките салони и фризерниците, библиотеките, музеите и кафе-баровите добија дозвола повторно да почнат со работа низ Литванија во понеделникот.
Сепак баровите и рестораните и понатаму мора да се придржуваат до строгите правила за социјална дистанца. Дозволено е седење само надвор, а масите на кои седат муштериите мора да бидат оддалечени најмалку 2 метри помеѓу себе.
Според градоначалникот на Вилнус, Ремигијус Шимашиус, ова го оневозможува отворањето на бизнисите во Стариот Град, место заштитено од УНЕСКО, каде тесните улички не дозволуваат седење на одворено.
Поради тоа градот решил да отвори 18 јавни површини кои ќе ги користат рестораните и баровите.
„На плоштадите и улиците околните кафулиња ќе можат да постават маси на отворено бесплатно за оваа сезона и да ги извршуваат своите бизниси во време на карантин. Само отворете, работете, задржете ги работните места и задржете го Вилнус жив“, рекол Шимашиус минатата недела, пренесува Еуроњуз.
Балтичката држава досега забележа 44 смртни случаи и 1.344 случаи на заболени со Ковид-19.