Виолета Танчева-Златева за нејзината песна „Севселенска“ е годишна лауреатка на шестиот меѓународен конкурс „Антево слово“, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ – Струмица“.
Како што соопштија од тимот на „Антево слово“, одлуката за наградата едногласно ја донесе жири-комисијата на „Антево слово“ во состав: Митко Гогов (претседател), Атина Цветаноска, Иван Антоновски, Александра Јуруковска, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија од Сицилија, Италија како надворешен соработник, по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела.
„И во оваа песна на Виолета Танчева-Златева, лирскиот субјект истовремено е и поетовото Јас и општочовечкото Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз и овојпат се остварува и со авторска почит кон македонскиот литературен јазик која остава печат врз стилот на оваа поетеса. Песната се надоврзува на претходните творечки резултати на Танчева Златева и е уште едно камче од поетскиот мозаик што го гради со нејзините поетски книги објавени изминативе неколку години. Но тој мозаик е резултат на автентична поетика која е дел од естетската вертикала на современата македонска поезија“, пишува во образложението на жири-комисијата.
Истовремено, Славица Гаџова Свидерска за песната „Картографија на себеси“ е добитничка на втората награда, а Иван Иванов за песната „Сега и сетне“ и Омобоно Лила од Канада за песната „Голема е емоцијата“ се носители на третата награда, додека Лука Иванов за песната „Таворската светлина“ е добитник на наградата за млад автор.
Наградените автори, како што е најавено, ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.