Викендов во населбата Шпрајтенбах, Швајцарија беше отворено првото кино со брачни кревети наместо седишта. Киното е дел од комплексот „Pathe“ кое на репертоарот нуди голем број филмски проекции од секаков вид.
Покрај оваа сала, киното има IMAX сала како и 6 конвенционални сали со регуларни седишта, пренесува Индепендент.
Сепак, ваквото посебно искуство со себе носи и висока цена. Билетите за проекциите во новоотворената кино-сала ќе чинат 49 швајцарски франци (околу 2600 денари) наспроти просечната цена од 16 франци за останатите проекции.
Проектот предизвика неколку прашања околу хигиената и чистотата на креветите кои во текот на денот би ги користеле неколку луѓе. На овие загрижености директорот на киното Венанцио ди Бако одговорил дека токму тоа е приоритет на киното и дека креветите ќе бидат чистени и одново местени пред секоја проекција.
На прашањето дали ваквата поставеност би провоцирала било какви недостојни активности кај гледачите, Ди Бако одговорил дека претходно имале неколку експерименти од сличен тип и немале никакви проблеми.