Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

„Супермен челинџ“ е „играта“ поради која денеска средношколец во средното училиште „Михајло Пупин“ заврши во болница. Предизвикот кој е популарен меѓу тинејџерите и адолесцентите на „ТикТок“, група деца се снимаат како скокаат напред имитирајќи го Супермен, врз испружените раце на нивни врсници, кои потоа треба да се одбијат од рацете и да застанат на подот на исправени на нозе, пишува новинската агенција Мета.

Во „играта“, денеска ученик во втора година во ова училиште, утрово на големиот одмор паднал и се онесвестил, по што завршил на снимање во Градската општа болница-хирургија „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Како што дознава Мета, останатите ученици, по настанот се вознемириле, а надлежните во училиштето ги смирувале и разговарале со нив со цел да превенираат вакви ситуации во иднина.

„Точно е дека тоа се случи, но детето е добро. Моите колеги направија записник, разговараа со учениците и ситуацијата е под контрола“, кусо изјави директорот Димитар Ѓорѓиев за Мета.

Она што може да се види од видеата на ТикТок, се случува децата намерно да не го прифатат ученикот кој скока врз нивните раце, за да падне, да тресне на подот и да се повреди, па токму поради тоа и завршуваат со фрактури.

Мета поразговара со трауматологот д-р Небојша Настов, директор на Градската општа болница-хирургија „Св. Наум Охридски“, кој рече дека денеска и утре изутрина ќе направи анализа и ќе информира дали бројот на тинејџери и адолесценти со фрактури е зголемен во изминатиот период.

„Супермен челинџ“ е популарен во основните и во училиштата за средно образование. Децата најчесто го користат времето за ова додека се на голем одмор.

Со фрактури и повреди се здобиваат и деца во земјите во регионот. Романските медиуми известуваат дека во еден ден, 20 пациенти пристигнале во болницата „Григоре Александреску“ во Букурешт, со скршеници и сериозни трауми, а кои учествувале во „Супермен“ предизвикот.

Родителите мора да им објаснат на децата за опасностите од овој, но и други слични предизвици на Интернет.

Мета