„Прв до врв“ објавија дека од вчера (16 септември), па се’ до 22 септември додека трае Европската недела на мобилност, ќе има виртуелен предизвик за сите вело-ентузијасти под името „Mobility Virtual Challenge“.
Објаснуваат дека се работи за виртуелни предизвици во најмногу поминати километри и искачена висинска разлика во велосипедизам, составена од резултатите направени при индивидуални активности.
„Секој спортува колку сака и каде сака, а победници се оние со најдолго поминато растојание, најголема искачена висинска разлика, најмногу денови на велосипед и најдолго возење. Секој реално учествува сам во согласност со мерките за заштита од КОВИД-19, a виртуелно ги соочува резултатите од постигнувањата со останатите (сите) учесници“, соопштува „Прв од врв“.
Пријавувањето е преку овој линк, а учеството е бесплатно.
Заинтересираните треба да ја поврзат својата пријава со профил на Strava. Тоа е потребно за да се измери времето на активностите, а тие да го добијат резултатот.
„Сите твои вело активности треба да бидат направени, зачувани со Strava и споделени со нашата платформа во периодот 16-22 септември 2021. Редовноста и квантитетот (збирот од сите достигнувања) во тој период се многу значајни за твојот финален резултат и позиција“, велат од „Прв до врв“.
Повеќе информации за целиот предизвик може да се најдат тука.