Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) вечерва (13 јуни) во 19 часот ќе ја претстави групната изложба „Поместени граници“ во куќата на ДЛУМ, со што просторот ќе биде отворен за посета.
„Изложбата ‘Поместени граници’ и целиот настан има за цел активно да ги вклучи членовите на ДЛУМ, сите генерации уметници, како и целата културна јавност во поддршка за активирање на овој нов простор. Замислената трансформација во иднина вклучува претворање на просторот во галерија, канцеларија, изложбен простор и простор за работилница, а со тоа максимизирање на неговиот потенцијал и подобрување на неговата улога во уметничката заедница. Продолжувајќи, целта на овој настан е јавно да се запознае новиот простор на пошироката публика, означувајќи го почетокот на новото поглавје за ДЛУМ. И покрај тоа што е најстарото здружение во оваа област, во последниве години се бори да ја задржи престижната репутација“, се вели во најавата за настанот.
Изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева Чупоска, Претседателката на Уметнички совет проф. д-р Маја Рауник Кирков, ко-кураторот Стефан Александар Јовановски, претставник на присутните колеги уметници. Отворањето ќе биде на пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје.
Во неа се вклучени дела на етаблираните автори: Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев – Динка, Ана Темкова и помладите автори: Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Kристијан Јованоски, Игор Tанески и Ана Вчкова.
Оваа година, идејата е делата да се изложат виртуелно, заради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Концептот предвидува стратешко поставување на QR-кодови низ просторот преку кои ќе се претстават делата на уметниците, истакнувајќи ги потенцијалните позиции за идни уметнички инсталации. Со оглед на загриженоста за безбедноста и желбата да се избегне прикажување уметност во недовршена средина, се одлучивме за виртуелна изложба во физичкиот простор.
Секој QR код поставен на различни локации во зградата ќе се поврзе со 3Д претставување на уметноста со зголемена реалност (AR), која го подобрува искуството на гледачот преку потенцирање на дигитална содржина во физичката средина.
„Овој простор претставува значителна надградба од претходните канцеларии на организацијата, кои не само што беа во лоша состојба, туку и не беа достапни за јавноста. Новиот простор, сместен на многу атрактивна локација, има значителен потенцијал поради неговиот капацитет, одлична локација и можноста да се трансформира во раздвижен центар со голем број посетители. Со голем обем на пешаци-минувачи од областа со ресторани, градскиот парк, канцелариите, областа со кафулиња и пошироката станбена областа, новиот простор е добро позициониран за да привлече разновидна публика. Неговата близина до овие различни погодности гарантира дека тој останува видлив и достапен за очите на јавноста, а со тоа го мотивира Друштвото да одржува постојано присуство и ниво на активност преку редовни настани како што се работилници и изложби. Овој активен ангажман со заедницата поттикнува чувство на поврзаност и релевантност, воспоставувајќи го новиот простор како динамичен центар во локалниот културен пејзаж“, велат од ДЛУМ.
Дизајнот на креативата на проектот и основната идеја на годинешната изложба е дело на Христијан Санев.
Темата на „Поместени граници“, велат од ДЛУМ е концепт во кој ликовните уметници ги истражуваат различните конотации на границите, без разлика дали се физички, имагинарни, природни, реални, политички или емотивни, кои ги разграничуваат и завршетоците и почетоците.
„Концептот се фокусира на клучната улога на Друштвото, кое опстојува повеќе од 77 години и може да се пофали со база на податоци од 800 членови, вклучувајќи ценети основачи и наследство на реномирани уметници. ДЛУМ служи како мост меѓу генерациите,и го отелотворува континуитетот и еволуцијата во македонската ликовна заедница, преносот на традиција и поттикнувајќи соработка помеѓу потврдени и етаблирани уметници и млади таленти кои се појавуваат“, велат од Друштвото.
Од таму додаваат дека прифаќање на поканата за учество на членови од различни генерации да учествуваат на настанот служи како моќен симбол на посветеноста на Друштвото за премостување на генерациските јазови и поттикнување на соработка меѓу различни возрасни групи.