Виртуелната претстава „Илузии“ е селектирана во официјалната селекција на меѓународниот фестивал „Lift-Off Sessions“. Фестивалот е во организација на глобалната истоимена организација која промовира и поддржува независни продукции и експериментални форми на уметност.
Претставата „Илузии“ по текст на рускиот автор Иван Вирипаев беше создадена од страна на независната „Wonderland Theatre“ продукција. Режисер на претставата е Нела Витошевиќ, а улогите ги толкуваат актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настовски и Исмет Шабановиќ.
Претставата ја имаше својата премиера на 11 јуни 2020 година, а беше изработена за време на карантинот предизвикан од пандемијата. Вонредните околности допринесоа премиерата да се одржи онлајн, на јутјуб каналот на „Wonderland Theatre“, каде за краток временски период ја проследија неколку илјади гледачи.
По успешната премиера, претставата беше селектирана од страна на глобалната дигитална платформа „Basita.Live“, глобална виртуелна платформа формирана како одговор на Ковид-19 кризата. Целта на платформата е да ги поврзе културните творци и да ги промовира проектите на независните уметници. Македонската претстава на неа ќе се емитува од 14 август.