„Висока е цената што ќе ја платиме ако кризата со учењето не стане национален приоритет“, велат од УНИЦЕФ по резултатите од ПИСА тестирањето

Откако учениците од Северна Македонија повторно се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА тестирање, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани ги повика сите лидери на политичките партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален меѓупартиски приоритет.

Според ДиЏовани државава треба да биде сериозно загрижена од резултатите.

„Резултатите покажуваат дека три четвртини (74%) од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати по читање; додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по математика (64%) и природни науки (65%). Земјата со години се соочува со криза во учењето. Се очекуваше дека пандемијата ќе ја влоши кризата во учењето и дека децата во речиси секоја земја ќе постигнат пониски резултати во учењето. Новите резултати од ПИСА сега даваат цврсти докази за тоа во колкава мера се намалиле резултатите во учењето на учениците во нашата земја. Сите во земјата треба да бидеме сериозно загрижени за овие резултати. Кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, недостатокот од континуитет во реформските процеси од страна на различни влади и на неуспехот да се насочи образованието кон реалните и индивидуалните потреби на учениците“, посочува претставничката на УНИЦЕФ.

Таа додава дека справувањето со кризата во учењето е одговорност на сите – Собранието, Владата, Министерството за образование и наука, но исто така и на Министерството за финансии, општините, училишните раководства, наставниците и родителите и дека треба да дејствува веднаш.

„При разгледувањето на буџетот, Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ што е 4,9%. Новата формула за финансирање на основното образование сѐ уште се чека да биде усвоена од Владата. Формулата за финансирање има за цел да обезбеди доволно ресурси на општините за да ги задоволат основните потреби на учениците и да го подобрат квалитетот на средината за учење во училиштата. Владата, исто така, треба да даде приоритет на процесот на донесување  нов Закон за средно образование со цел да се унапреди квалитетот и инклузивноста на средното образование“, вели ДиЏовани.

Фото: ПИСА 2022

Таа додава и дека општините мора да работат на консолидирање на училишната мрежа, бидејќи поради демографските промени некои училишта се пренатрупани, додека други, пак, се недоволно искористени. Дополнително, во нејзината реакција ги повикува училишните раководства да обезбедат оптимална средина за учење за сите ученици, наставниците да создаваат можности теоретското знаење на учениците да го поврзат со практичните искуства, а родителите поактивно да се вклучат во секојдневните активности на децата дома.

„Предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки. Многумина сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високото образование или почнуваат да работат, а празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина и тоа има своја цена. Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации. Ситуацијата налага сите да се обединат сега. Децата не можат да чекаат. Образованието не може повеќе да чека. Справувањето со кризата во учењето мора да биде национален приоритет. Овие загуби не само што имаат негативно влијание врз децата денес, туку тие, исто така, ќе влијаат врз исходот во животот на децата и ќе го попречат економскиот развој на земјата во следните децении“, вели ДиЏовани.

Според резултатите од последното ПИСА тестирање, од вкупно 81 држави, провинции и територии С. Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просек на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени).

Во споредба со регионот 15-годишниците од земјава единствено биле подобри од нивните врсници во Косово и Албанија, додека се наоѓаат далеку зад учениците од Словенија и Хрватска, кои предничат во окружувањето на последното ПИСА тестирање.

Македонските ученици со драстично полоши резултати на новото ПИСА тестирање, остануваат меѓу најслабите во регионот [Инфографик]