Високи европски политичари му помагале на Убер да го изигрува законот, покажуваат протечени документи

Илјадници протечени документи откриваат како такси компанијата Убер вршела влијание над некои од најголемите политичари во Европа со цел да ја растурат европската такси индустрија, да им биде олеснет пристапот до пазарот и да избегнат правни последици.

Наречени „Убер документи“ во јавноста протекоа повеќе од 124.000 документи, меѓу кои и 83.000 мејлови во периодот од 2013 до 2017 година. Овие податоци покажуваат како Убер добивал помош од лидери како францускиот претседател Емануел Макрон и поранешната еврокомесарка Нели Крос. Документите истовремено покажуваат како поранешниот директор на компанијата наредил да се спречат полициски истраги во нивните компјутери.

Документите биле доставени до Гардијан и биле споделени заедно со Меѓунардониот конзорциум на истражувачки новинари и други медиумски организации. Во нив, за првпат, се открива дека Убер имала 90 милиони долари годишен буџет за лобирање и односи со јавноста преку кои се стекнувале пријателски врски со политичари во нивната намера да ја растурат дотогашната европска такси индустрија.

Иако безмилосните бизнис методи на Убер беа широко познати, ова е првпат да се добие вистинска претстава на кој начин претставниците на компанијата дејствувале за да ги остварат своите цели.

 

Документите покажуваат како поранешната еврокомесарка за дигитални прашања, Нели Крос, била во преговори да се вработи во Убер пред крајот на нејзиниот мандат и потоа тајно лобирала за фирмата, што е потенцијално прекршување на етичките правила на ЕУ.

Паралелно, додека во периодот од 2014 година француските таксисти организираа жестоки протести против Убер, Емануел Макрон, тогашен министер за економија, станал многу близок со контроверзниот директор на такси-компанијата, Травис Каланик, и му кажал дека ќе ги промени законите во корист на неговата компанија.

Убер потоа низ Франција го стартувал својот нов сервис „УберПоп“, кој дозволувал на нелиценцирани возачи да нудат превоз по многу пониски цени. Иако овој сервис добил забрана од судовите и парламентот, Убер продолжил да го спроведува противзаконски.

Протечените документи покажуваат и дека Убер се обидувал да лобира и кај Џо Бајден, Олаф Шолц и Џорџ Озборн,

Во тоа време Убер не само што беше една од најбрзорастечките компании на светот, туку и една од најконтроверзните – преплавена со судски спорови, обвинувања за сексуални злоупотреби и скандали со злоупотреба на лични податоци.

Најпосле акционерите на компанијата го принудиле Каланик да си даде оставка во 2017 година. Од Убер велат дека неговата замена, Дара Косровшахи, добила задолжение да ги промени сите аспекти на тоа како компанијата функционира.

Од компанијата додаваат дека „претходните однесувања не се исти со моменталните вредности“ и дека денеска станува збор за „сосема поинаква компанија“.