Европската Унија (ЕУ) пронашла докази дека телефоните што ги користеле некои високи службеници биле хакирани од израелски шпионски софтвер, јавува Евроњуз.
Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс во писмо испратено до европратеничката Софи ин`т Велд вели дека од „Ејпл“ во 2021 година му посочиле дека неговиот „Ајфон“ е потенцијално хакиран со „Пегасус“, алатка развиена од израелската фирма „НСО Груп“.
Предупредувањето на „Ејпл“ предизвикало проверка на приватните и професионалните уреди кои ги користи Рејндерс, заедно со други телефони што ги користат вработените во Европската комисија, се вели во писмото.
Иако истрагата не најде „убедлив доказ“ за хакирање, истражувачите откриле „индикатор за компромис“, термин што го користат безбедносните експерти за да опишат докази дека се случило хакирање.
Во писмото не се наведени дополнителни детали, а Рејндерс вели дека е „невозможно овие показатели да се припишат на конкретен сторител со целосна сигурност“.
Сепак, во моментов во ЕУ е активна истрага за случајот.
Ова не е првпат да бидат хакирани официјални лица на ЕУ. Во април, истражувачката група од Универзитетот во Торонто „Citizen Lab“ откри дека во периодот од 2020 до 2021 година, канцеларијата на премиерот на Обединетото Кралство била заразена со израелски шпионски софтвер, заедно со најмалку 65 поддржувачи на каталонската независност во Шпанија.
Софтверот „Пегасус“, кој „Citizen Lab“ го нарекува „платенички шпионски софтвер“ беше користен за упад во телефоните и компјутерите на активисти за човекови права, адвокати, новинари и верски групи, иако од фирмата „НСО Груп“ тврдат дека го продаваат „Пегасус“ само на владини агенции за да таргетираат криминалци и терористи. Портпаролката на „НСО Груп“ изјави дека фирмата доброволно ќе соработува со истрагата на ЕУ.