Високите сметки за електрична енергија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје претставуваат значителен финансиски товар. Ова го истакнала ректорката на УКИМ Биљана Ангелова на денешната средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, соопштија од Министерството.
Ангелова ја истакнала важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот. Истовремено, таа посочила дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
„Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија“, велат од ресорното министерство.
Иако се работи за некомерцијални субјекти, оттаму велат дека над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
Министерката Божиновска ја истакна подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на ситуацијата, и потенцираше дека решавањето на проблемот е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти.
„Министерката и ректорката разговараа и за важноста од стимулирање на студентите и создавање услови кои ќе ги мотивираат младите и перспективни кадри. Министерката Божиновска истакна дека развојот и поддршката на младите се меѓу клучните приоритети на Министерството, при што е подготвена да иницира и поддржи заеднички проекти со Универзитетот кои ќе придонесат за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор“, посочуваат од министерството.