Високото образование во 2024: Многу зборови, малку промени

Изминатата 2024 година Македонија беше исправена пред предизвици и настани кои повторно го поставија прашањето за иднината на високото образование и студентскиот стандард. Од зголемени трошоци за студентите, преку корупцијата, до протести и барања за подобрување на условите – уште една година помина со впечатокот дека системот бара сериозни реформи, пишува новинската агенција Мета.

Според Државниот завод за статистика, во академската 2023/2024 година на високообразовните установи во Македонија биле запишани вкупно 52.316 студенти – што е за 2,8 отсто помалку во споредба со запишаните студенти во претходната година. Најброен факултет и понатаму е ФИНКИ, по што следуваат медицинските факултети на Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД).

Агенцијата за вработување (АВРСМ), пак, вели дека на крајот на 2023 година, 15 доктори на науки, 550 магистри и 6.688 лица со високо образование активно барале работа. Иако ова е благо намалување споредено со претходните години, проблемот на невработеност кај високообразованите лица останува алармантен. Најпогодени се кадрите од правните и економските науки, што укажува на несоодветното планирање на потребите на пазарот на трудот.

Манифест за бесплатни студии, подобри студентски домови

Во март, универзитетските студентски собранија од пет државни и еден приватен универзитет објавија „Студентски манифест“ – документ кој ги истакнува нивните главни барања: бесплатно квалитетно образование, дигитализација, автономија, интернационализација, формирање Национално студентско тело и подобрување на студентскиот стандард. Дел од големите политички партии ставија потпис на документот, со што практично прифатија дека ќе се залагаат за неговата содржина.

„Без разлика која политичка партија утре ќе биде на власт, а која во опозиција, сите треба заеднички и конструктивно да работат за да го исполнат она што го бараме ние студентите“, рече тогаш за Мета.мк Савче Ѓошева, студентка и еден од авторите на Студентскиот манифест.

Но, наместо бесплатно образование, студентите на факултетите на УКИМ добија покачување на трошоците, кое некаде се движи и над 2.000 денари повеќе од она што се плаќало до минатата академска година. Мета.мк во септември направи споредба на трошоците што ги плаќаат студентите на шесте државни универзитети.

Просечните трошоци за еден семестар, студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини 81.335 денари или 1.317 евра, покажа истражувањето на Форумот за образовни промени.

Во меѓувреме, студентите не би го оцениле ни со тројка животот во студентските домови, покажа извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Во него е утврдено значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови. Потврда за тоа е и затворањето на студентскиот дом „Стив Наумов“, кој од оваа академска година не прима студенти и го очекува долгонајавуваната реконструкција. Овој дом, заедно со „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе останат затворени сè додека не се заврши нивното реновирање. Според најавите на надлежното министерство, „Кузман“ повторно ќе ги отвори вратите од октомври, додека „Стив“ ќе почека уште една година.

Во извештајот на ДЗР се забележува и дека сумата што ја добиваат домовите по студент не е променета 15 години и оти истата не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост во студентските домови. Ревизорите фрлаат сомнеж и врз начинот на кој се примаат студентите во студентските домови – списоците на апликации по кои се одлучувало не биле потпишани и архивски заверени, а недостасуваат податоци за вкупниот број примени и одбиени во оние домови каде интересот за сместување бил најголем.

Домовите во кои се сместени студентите, пак, и понатаму се соочуваат со низа предизвици. Немањето директор во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, овој дом го доведе пред колапс – без топла вода, со нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите и намален квалитет на храната.

Субвенции, стипендии, ваучери – што добија, а што изгубија студентите?

Во однос на поддршката на студентскиот стандард – студентите од март 2024 година, субвенциите за оброк ги добиваат на неделна основа, наместо на дневна, како што беше до тогаш. Студентите сега неделно добиваат по 840 денари – средства со кои можат да плаќаат во маркети, ресторани, сендвичарници, пекари и кај други трговци кои произведуваат или продаваат храна.

Субвенционираниот студентски оброк, според закон, оваа 2025 година треба да се покачи согласно инфлациската стапка од минатата година, но засега нема најава од надлежните дали и колкаво зголемување ќе има.

Минатата година студентите се жалеа и на нередовна исплата на стипендиите – првите рати ги добија дури во февруари 2024 година, иако стипендијата е предвидена да се зема од октомври 2023 година. Незадоволството заврши со организирање на студентски протест пред МОН, на кој студентите преку црвени картони до министерството и поранешниот министер Јетон Шаќири ги исфрлија фрустрациите.

Претходната академска 2023/2024 година студентите, покрај субвенции за оброк и стипендии, како финансиска поддршка добиваа и ваучери за меѓуградски превоз. По 1.200 денари месечно легнуваа на сметките на оние кои студираат во други градови, надвор од местото на живеење. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не ја продолжи оваа мерка и во академската 2024/2025 година, но Форумот за образовни промени излезе со слична иницијатива наречена „Субвенциониран студентски превоз“ која допрва треба да биде разгледана во македонското Собрание.

На студентите претходната власт им вети и ваучери за домашен туризам, нешто што не се реализираше, па најавените ваучери, наместо кај студентите, повторно завршија во рацете на работниците со ниски примања.

Од позитивната страна, студентите на УКИМ од 2024 година добија попуст од 50 отсто за влезници во културните установи, откако Универзитетското студентско собрание и Министерството за култура потпишаа Меморандум за соработка. Со Меморандумот е утврден попуст од 50 проценти на билетите за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата за сите студенти кои имаат индекс со заверен семестар.

Нова влада, стари проблеми

Во мај, откако се формираше новата влада, на чело на Министерството за образование и наука (МОН) застана Весна Јаневска. Таа е доктор на медицина, специјалист по патологија и доктор на науки. Била редовна професорка на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и е поранешна собраниска пратеничка.

Во интервју за Мета.мк објавено летоска, Јаневска најави остра борба против неправилностите што ги практикуваат одредени универзитети. Таа рече дека просветниот инспекторат ќе има „многу работа“. Тогаш во тек беа инспекциските надзори на неколку универзитети, а меѓу нив и на Државниот универзитет во Тетово и Меѓународниот универзитет во Струга на Рамиз Мерко.

На струшкиот универзитет требаше да се отвори нов факултет за здравствени науки, одлука која беше донесена, но потоа поништена, затоа што, како што рече Јаневска, факултетот не ги исполнувал потребните услови.

Министерката неодамна информираше и дека, по инспекциските надзори, затворени се пет приватни научни институти, додека кај петнаесеттина се утврдени неправилности. Таа рече дека дел од институтите биле затворени заради неактивност, а дел бидејќи не ги исполнувале законските услови за работа.

Светски познатата и реномирана Шангајска листа и понатаму останува без ниту еден македонски универзитет на неа. Во меѓувреме, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) останува единствена високообразовна установа од земјава која се држи на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот според Центарот за рангирање на светските универзитети (CWUR). Сепак, и таму се држи за влакно – две години по ред е на 1.990-то место.

Во ноември со работа започна новоформираното Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот. Ова тело, според властите, има задача да работи на „подигнување на девастираниот високообразовен систем и да обезбеди понатаму одржливост на квалитетот“.

Повисоки плати, иста корупција

Професорите на УКИМ од годинава добиваат повисоки плати, во просек за 22 отсто, откако почна да се применува колективниот договор што беше потпишан во 2022 година.

Корупцијата и понатаму цвета на факултетите, а продажбата на книги како услов за потпис и оцена останува најчесто споменувана форма на корупција од студентите. Во интервју за Мета.мк, претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски им порача на професорите да престанат коруптивните практики, а во спротивно, најави дека професорите што нема да престанат со ваквото делување, ќе бидат објавени со име и презиме.

Дека корупцијата е сериозен проблем во државата која не прави речиси ништо во борбата против истата, е нотирано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, при што е потенцирано дека корупцијата во сите сфери е сериозно загрижувачки проблем.

Крајот на 2024 година го одбележа уште една неизвесност за студентите – натегањата меѓу Владата и локалната власт во Скопје го доведе во ризик бесплатниот јавен превоз за студентите. По низата објави на Мета.мк и притисокот од јавноста, ЈСП Скопје три дена пред крајот на годината конечно објави насоки за тоа како и каде студентите да ја продолжат важноста на своите билети и за наредната година.

Што ќе донесе 2025 година?

За годинава се најавени неколку новини во студентскиот стандард и високото образование.

Буџетот за студентски стандард за 2025 година изнесува 30 милиони евра или за 18% повеќе од минатата година. Зголемувањето најмногу се однесува на парите за наука – 293 милиони денари или 77 отсто повеќе од лани. Од Буџетот на МОН годинава ќе се издвојуваат и пари за Реформа во јавната администрација, а пораснаа и буџетите за средно и високо образование, како и за ученички и студентски стандард, објави Радио МОФ.

Освен што не се знае дали и за колку ќе се зголеми субвенционираниот студентски оброк, во делот на студентскиот стандард, Владата со месеци најавува ваучери за електронски уреди за студентите. Ваучерите ќе бидат во висина од 250 евра и, според најавата, ќе ги добијат сите студенти во земјава, а со нив се очекува да може да купат телефони, компјутер или таблет.

Годинава треба да биде усвоен и нов Закон за високото образование кој треба да обезбеди повеќе и подобри можности за студентите и професорите, но и ќе ги подигне стандардите за квалитет што високообразовните установи треба да го следат.

Во меѓувреме, во подготовка е и нов закон за студентски и ученички стандард.

Веќе неколку години по ред, се најавува и дека ќе продолжи изградбата на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Севкупно земено, може да се каже дека на студентите во 2024 година им беше посветен многу поголем интерес и внимание од страна на власта, особено новата министерка, премиерот па дури и претседателката. Но, освен ветувања и убави зборови, не се случија драстични промени што ќе го променат на подобро животот на студентите и ќе го подобрат квалитетот на образованието.

Мета.мк