ВЕТУВАЊЕ: Ќе ја започнеме изградбата на нови средни училишта во општините Тетово, Аеродром, Арачиново и Ново Село. Ова се општини каде што има приоритетна потреба од изградба на нови средни училишта, анализира Вистиномер.
[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.224) , датум: декември 2016]
СДСМ вети, ама не го исполни ветувањето дадено за парламентарните избори во 2016 година, дека во првите шест месеци од изборот на Владата ќе започне изградба на нови средни училишта во општините Тетово, Аеродром, Арачиново и Ново Село.
Ова ветување на СДСМ е предвидено во Програмата „План за живот во Македонија“ – План 180° итни реформски приоритети на новата Влада во првите шест месеци“ на стр. 224.
Истото ветување го има и во Програмата за работа на Владата за периодот 2017 -2020 година (стр. 31), а во своите програми го имаат ставено и градоначалниците на споменатите општини.
Општините Тетово и Аеродром во изминатиот период, но и моментално се соочваат со недостиг на училишен простор во средните училишта. Додека, пак, во општините Арачиново и Ново Село нема средни училишта и има потреба од изградба на нови средни училишта.
Златко Марин, актуелен градоначалник на општина Аеродром во својата програма за локалните избори во 2017 година (стр. 20), вети изградба на средно училиште. Во делот „Квалитетно образование – изградба на средно чилиште, гимназија „Кузман Јосифовски – Питу““, стои дека гиманзијата ќе се гради во периодот 2018-2020 година.
И градоначалничката на Арачиново, Миликије Xалими во својата програма (стр.19) има планирано изградбата на средно училиште со рок од 2018 година.
Теута Арифи како градоначалничка на Тетово со уште еден мандат во својата програма (стр. 40) планира проширување на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
Министерството за образование во буџетот за 2017 година за изградба на средни училишта имаше испланирано 25 милиони денари, а годинава за таа намена во Буџетот на Министерството се предвидени 40 милиони денари.
При проверката на интернет страниците на Министерството за образование, Градот Скопје и општините во кои е предвидена изградба на нови училишта, може да се најдат информации само за највената изградба на средното училиште во Општина Аеродром и тоа дека проектот е во почетна фаза.
Активностите за изградбата на новото средно училиште на територијата на Општина Аеродром се во почетна фаза. Во моментов Општина Аеродром работи на изнаоѓање соодветна локација за него, по што ќе започне изработката на проектната документација, распишување на тендер и финално, изградба на училиштето. Градот Скопје е надлежен за реконструкција и спроведување на наставата во средните училишта, додека изградбата на нови објекти спаѓа во капитални инвестиции и како такви се во надлежност на државата, односно Министерството за образование и наука, изјавија од Градот за Независен весник- изјава во оригинал.
Според директорот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ “ во Тетово, Намик Ќемал Мустафа, сè уште не се завршени процедурите за најавента изградба на нов објект.
Најава за градба немам никаква, процедурите ги знаете. Јас не сум информиран дека има одобрение и дека има средства за градба. Ќе ги имам тие информации откако ќе се реши на ниво на Министерство и општина. Сметам дека градењето во септември е голем прашалник. Премиерот беше гостин во школото, рече дека ќе се гради, одобрение ќе има за градба. Од Министерство бараа детали и јас мислам дека додаток на старата зграда ќе се реализира. Изработени се одобренија, проект и сите тие работи, таа градба не е комплицирана, може да се реализира бргу по мене. Добро е што ќе се сконцентрираме во еден објект и ќе намалиме трошоците зошто сега трошиме во две згради – рече директорот Мустафа. (Нова Македонија – изјава во оригинал)
Според расположивите информации може да се заклчи дека по повеќе од една година од изборот на Владата и 10 месеци од изборот на градоначалниците, не е почната планираната изградбата на ниту на едно од средните училишта во општините Тетово, Аеродром, Арачиново и Ново Село , ниту пак, има најава дека тоа ќе се случи во наредниот период.
Според тоа ветувањето на СДСМ дека ќе ја започне изградбата на нови средни училишта во општините Тетово, Аеродром, Арачиново и Ново Село, каде што има приоритетна потреба од изградба на нови средни училишта, не е исполнето.