Вистиномер: Партиските вработувања не можат да се оправдаат

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано за критиките во јавноста поради низата роднинско-партиски вработувања  во администрацијата, ја даде следната недоследна изјава:

10 години сите членови на СДСМ беа најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор и ова е факт. Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата… Сега има Антикорупциска комисија и сето она за што се смета дека е проблематично треба да се поднесе претставка и да се одлучува по неа.

[Извор: ТВ „Сител,  датум: 11.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на министерот Манчевски, со која тој сака да ги оправда вработувањата на личности блиски до функционерите од власта, ја сметаме за недоследна.

Да се правда непотизмот на власта при вработувањето на блиските роднини и партиските кадри, со образложение дека „десет години членовите и симпатизерите на СДСМ биле најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор“,  во најмала рака е некоректно. А прашањето „каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата ?(!), кое  Манчевски им го упати на новинарите, е целосно нетактично и прозвучува дрско.

На ваквото прашање на Манчевски, само по себе се наметнува едно друго прашање: А каде да одат  оние кои немаат никаква партиска книшка? Каде да се вработат децата, сестрите, мајките, на тие кои не припаѓаат на ниту еден партиски табор? Што да прават оние кои 11 години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, исто како и симпатизерите на СДСМ, не можеа да најдат вработување, бидејќи не го исполнуваа најглавниот услов – немаа партиска книшка или некаков директен роднинско-пријателски линк со власта. Или, пак, можеби, не е грев да ја напуштат државата само тие без партиска книшка?!

Манчевски како и неговата партиска колешка, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која минатата недела на оваа тема коментираше дека критиките за непотизам немаат основа, бидејќи „Македонија е мала земја и сите, нели, имаат многу роднини и пријатели“, сосема друго говореа додека беа во опозиција. Изминатите десетина години социјалдемократите остро го критикуваа непотизмот на ВМРО-ДПМНЕ.

Манчевски, на пример  во јули 2007 година го обвини тогашниот министер за финансии, Трајко Славески, за непотизам. Социјалдемократите тогаш реагираа дека „Славески ја вработил ќерката во Агенцијата за странски инвестиции како приправник за економски работи и од антикорупционерите бараа преиспитување на сите вработувања на момчињата, сопрузите, ќерките и пријателите на владините функционери“.

Очигледно е дека единствената препорака на Славевска во однос на другите кандидати е тоа што е ќерка на актуелниот министер за финансии, изјави тогаш социјалдемократот Дамјан Манчевски.

Но, сега од позиција на власт Манчевски има сосема друга перцепција на непотизмот и роднинско партиските вработувања. Сега за него „два-три случаи на вработување во администрацијата“,  не значат непотизам.

Извор: Вистимомер.мк 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.