Артисти од Македонија, Полска, Австрија, Франција, Финска, Словенија, Романија… се вклучени во четвртото издание на фестивалот на светлината „Skopje Light Art District“, кој ќе се одржува четири денови – од 8 до 11 септември.
Главната тема на ова издание ќе биде Сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија.
Фестивалот во главниот град е поставен на 15 локации, со над 25 уметници и изведувачи кои со своите изложби, перформанси и видео арт ќе го осветлат Скопје, почнувајќи од Шалтер сала/Пошта 2.
Замислената рута на движење ќе продолжи по кејот на реката Вардар, парк Франкофонија, зградата на МЦМ и Градскиот парк. Патеката може да се симне преку посебна апликација, а потоа да се следи на мапа додека се движите од инсталација до инсталација, кои се обележани со бројки.
На програмата, меѓу другото, е „Лифт до Сонцето“ на Македонецот Емил Петро, инсталација на главната зграда на Пошта. Во шалтер сала на Македонска пошта ќе има звучна и светлосна исталација на Александра Стратимировиќ и Леонел Каплан, Французинот Метју Терсју ќе постави „Стелариум“, поетска и интерактивна инстлација кај плочник кај „Агромеханика“, додека „Mutual Loop“ од Австрија е најавен со светлосна инсталација во лавиринтот во Градски парк.
Во Градски парк всушност ќе бидат голем дел од инсталациите, како таа на словенскиот уметник „Тилен Сепич“- „Светлосен осцилатор“, потоа „Магична градина“ на Кари Кола од Финска, или „Допри ја светлината“ на македонскиот визуелен уметник Борис Петровски.
На „Љумфер брдо“ во скопскиот парк е најавена и т.н. „чил зона“, каде секој фестивалски ден од 21 часот до полноќ ќе има различна музичка програма.