Вчера во Скопје се одржа првата конференција, со која се означи почетокот на процесот на креирање на новата Национална стратегија за млади 2023-2027 година, која ќе ги исцрта приоритетните младински политики во Северна Македонија.
Над 150 млади лица, претставници на институции, граѓански организации заеднички ја формулираа визијата за позицијата на младите во следниот петгодишен период. Носител на процесот на креирање на стратегијата е Агенцијата за млади и спорт.
„Оваа стратегија има цел да го подобри животот на младите во Северна Македонија. Денес младите учествуваат во креирањето и спроведувањето политики кои директно ги засегаат преку еднакви шанси, слобода на изразување, зголемување на квалитетот на живот, повеќе и поквалитетни работни места и со тоа продолжуваме да креираме услови за да ги задржиме младите тука“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Младите се во фокусот на креирањето на стратегијата како полноправни учесници.
„Кога се говори за младите, мораме да знаеме дека станува збор за навистина хетерогена група, чиишто припадници меѓусебно се многу различни. Имаат различни животни искуства, проблеми и потреби“, изјави Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци.
Славчо Темелковски, претседателот на УСС УКИМ, ја истакна важноста на квалитетното образование и на активизмот.
„Не смееме да дозволиме сервилноста да стане одлика на студентите, напротив мора да се врати оној студентски, борбен дух, кој многупати во минатото знаел да биде иницијалната точка кон значајни промени во општеството“, рече Темелковски.
Процесот на креирање на Стратегијата за млади е поддржан од меѓународната заедница односно Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Младите жени и мажи мора да имаат место на маса кога носителите на одлуки разговараат за прашања од интерес за младите. Младите активно да учествуваат, да ја споделат својата визија и нивните ставови, да изразат мислења и отворено да разговараат за нивните грижи со властите за тоа какви треба да бидат националните политики за млади во следните пет години“, изјави директорот на Mисијата на ОБСЕ, Амбасадорот Клеменс Која.
„Денес во светот живеат повеќе од 1,8 милијарди млади на возраст 10-24 години, што всушност претставува речиси една четвртина од светското население. Многу значајна категорија на населението, не само поради бројката, туку и поради фактот што иднината на светот лежи во младите. Младите се клучен дел од демографските движења и градењето на демографската отпорност. Тие ќе бидат клучен дел и во новата национална демографска стратегија, која ќе се развива со поддршка на УНФПА. Инвестицијата направена во секој млад човек, значи инвестиција која ќе влијае на неколку генерации во исто време, а ќе значи и дефинирање на иднината на светот“ порача Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, в.д. директорката на Канцеларијата на УНФПА.
Од Агенцијата за млади и спорт најавуваат дека во следниот период е планирано одржување работни групи на осум теми: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и безбедност (насилство).
Целиот процес ќе биде проследен со широка консултација со младите лица преку социјалните медиуми и разни дигитални алатки под мотото „вклучи се“.
Се очекува Националната стратегија за млади да биде финализирана до крајот на декември годинава.