За големата трагедија што се случи во Кочани се осомничени вкупно 34 лица, вклучувајќи го сопственикот и управителот на дискотеката „Пулс“, обезбедувањето, поранешен министер, државен секретар, раководители на сектор и одделение, помлад соработник, поранешни градоначалници, директори на пазарен инспекторат, инспектори, градоначалници, продавачи на билети, неколку компании од Кичево и од Скопје, полициски службеници… Сите знаеле дека дискотеката не ги исполнува условите, но придонеле кон тоа таа да работи и да организира концерти и забави.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изнесе повеќе детали на прес-конференција пред Јавното обвинителство во Кочани, додавајќи дека ова е само почеток, односно предистражна постапка, а тек следува истрагата во која многу од овие сомневања ќе се потврдат или отфрлат.
„Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – ‘Тешки дела против општата сигурност’ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“, рече Коцевски.
Како што нагласи тој, верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16 март за време на настапот на музичката група „ДНК“ во кабаре „КЛУБ ПУЛС“ во Кочани, биде предизвикан пожар во кој настапи смрт на 59 лица меѓу кои 6 деца, а повредени се уште 197 лица, од кои 25 деца.
„Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход“, посочи државниот обвинител.
Тој објасни дека тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во правното лице чија подружница е клубот. Првиот од нив е закупец на објектот каде е лоциран клубот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат и работењето.
„Објектот со намена за лесна индустрија кој се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект – кабаре согласно Законот за угостителска дејност, но во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност“, рече Коцевски.
Во тој контекст, како што нагласи тој, конкретно постои основано сомнение дека првоосомничениот за периодот од 13 февруари 2024 година до 13 февруари 2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие.
„Што не би смеел да го изврши и на тој начин, без притоа да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана службена исправа – лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за –‘Примање поткуп’ од член 357 од Кривичниот законик“, нагласи Коцевски.
Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани. Таа, како што објасни обвинителот, во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – „кабаре“, иако знаела дека не нема законски услови објектот да биде пренаменет од категоријата што се наоѓал – „лесна индустрија“.
„Овој незаконит проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца“, рече Коцевски.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството, но на други раководни позиции.
„Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – ‘кабаре’“, нагласи Коцевски.
Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 9 јануари 2020 година до 16 март 2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца. Исто така, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – „кабаре“, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со угостителска дејност.
„Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ‘Пулс’ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект. Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот“, рече Коцевски.
Како што кажа тој, на 16 март годинава, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со групата „ДНК“ и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете.
„Едно од осомничените лица вршело продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот. Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства“, нагласи Коцевски.
За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група.
„Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект“, рече тој.
Во однос на пропустите на обезбедувањето, како што изјави обвинителот, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата но вршело одредени работи за таа фирма.
„Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот“, посочи обвинителот.
Според Коцевски, сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.
Бојан Шашевски