Владата на денешната 141 седница донесе одлука да го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на „Eуромакс“ на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.
„Владата го задолжи Министерството за економија, доколку се утврди дека не е исполнета правната обврска на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, на локалитетот ‘Иловица’ Општина Босилово и Општина Ново Село, еднострано да го раскине договорот за концесија со Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје на локалитетот ‘Иловица’, Општина Босилово и Општина Ново Село со број бр.24-4563/1“, стои во соопштението на Владата по денешната седница.
Инаку, локалните жители и активистите повеќе од една недела со протестни собири и блокади бараат одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот „Иловица“.