Девет километри од 76-километарскиот гасовод, кој од Скопје ќе носи гас до Тетово и Гостивар, ќе поминуваат на Водно, децидни се од Влада. На денешната пред конференција, Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, заеднички ја бранеа трасата по која треба минува гасоводот и објаснуваа кои се придобивките за животната средина од гасот.
Како што изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, поради реакциите на граѓанските организации направени се промени во проектната документација.
„Со новата траса значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно од 3000 на околу 1400 метри кубни. Исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и растителен свет. Со ова жртвуваме 0.07% од вкупната шума на Водно, за да ја зачуваме природата на 25713 квадратни километри, колку што е територијата на Република Македонија“, изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули потсети дека загадувањето е еден од најголемите предизвици, па оттука, за Скопје и Македонија, гасификацијата е најдоброто решение.
Најави и дека согласно студијата за гасоводот , Министерството за животна средина, со инспекторатот и со експертите, редовно прават мониторинг на активностите и имплементацијата на овој важен стратешки проект.
Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, информираше дека паралелно се градат три линии од гасоводот, од кои делницата Штип-Неготино (36 км) ќе биде завршена годинава, додека гасоводот Неготино-Битола (92 км) и Скопје-Гостивар (76 км) се почнати со работа и треба да бидат готови за две години.
„Низ Водно, во должина од 9 км, од 18-ти до 27-ми километар, ќе се вгради подземна гасоводна цевка во работен појас од 10 метри. Потоа теренот ќе се врака во првобитна состојба и по неколку месеци нема да се препознае местото каде минува гасоводот“, рече Реџепи кој додаде дека МЕР веќе платил на Град Скопје скоро 700 милиони евра за рекултивација и пошумување на Водно.
Според него, неизводливо е барањето на невладините организации за преместување на трасата од Водно кон Скопска Црна Гора, бидејќи е неизводливо од еколошки и економски аспект, и ќе значи пролонгирање на работите за 5 години.
На прес конференцијата се обрати и скопскиот градоначалник, Шилегов, кој се пофали дека Владата на Република Македонија ќе обезбеди средства за урбано зеленило во градот Скопје и за пошумување на Водно во висина од 43 милиони денари, средства од МЕР, како законска компензација на уништеното зеленило. Најави пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора, како и владина поддршка за зелените коридори долж реките Лепенец и Серава. Во соработка со Министерството за животна средина, рече, ќе носат закони за заштита на парк-шумата Водно и кањонот Матка.
Невладините здруженија и еко активистите изминатиот период ја алармираа јавноста за опасностите од изградбата на гасовод по сртот на Водно.
[Анализа] Граѓанските иницијативи остануваат против изградба на гасоводот низ Водно
Викендов тие се собраа на врвот на планината, за да кажат дека не даваат да биде уништена Парк шумата.