Владата на Република Северна Македонија на редовната 92-ра седница донесе одлука на добитникот на сребрениот медал во теквондо на Олимписките игри во Токио и на неговиот тренер да им биде доделена парична награда во вкупен износ од 2,4 милиони денари или околу 40 000 евра.
Притоа, на Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000 денари (околу 10 000 евра).
Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Македонскиот олимпиец вчера, во полуфиналето го победи претставникот на Јужна Кореја, Дон Кјо Ин, со резултат 12-6 и со тоа обезбеди сребрен медал, што ќе биде првиот медал за на Олимписки игри за Северна Македонија по 21 година. Во финалето на турнирот во теквондо во категоријата над 80 килограми противник му беше Русинот Владислав Ларин, кој го победи македонскиот олимпиец и си обезбеди злато.
Георгиевски претходно победи и во борбите со Кубанецот Рафаел Алба Кастиљо во осмина-финалето, а во четврт-финалето го победи Сејду Гбане од Брегот на Слоновата Коска.