Владата ги отфрлува обвинувањата за каков било долг кон ЈСП – Скопје, како што потенцираше раководството на ова јавно претпријатие и најавува дека ќе протестира. Воедно, сметаат од Владата, ваквата состојба во која се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците.
„Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза“, стои во соопштението од Владата.
Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, велат од таму, ова миинистерство редовно ги сервисира своите обврски кон субјектите со кои има регулирани законски надлежности, или пак има договори по разни основи што иницираат финансиски обврски. Истовремено, уверуваат дека ова не е случај и со ЈСП – Скопје.
„Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, пришто средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. ‘Кирил и Методиј’ во Скопје“, соопштуваат од Влада.
Од таму тврдат дека нивната интенција како Влада е постојано унапредување и проширување на можностите за поддршка на студентите, што досега било потврдено со нови категории на стипендии, субвенциониран студентски оброк, ваучери итн.
„Со нормализирањето на наставата со физичко присиство секако дека во Буџетот на државата за 2023 година ќе се обезбедат и средства за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство“, велат од Влада.
Инаку, ЈСП – Скопје утре напладне ќе протестира пред Владата, најави денес секретарот на Град Скопје Зоран Глогоров. Од ЈСП бараат исплата на септемвриската плата, а градската власт побара од должниците кон претпријатието итно да ги исплатат своите обврски за да се овозможи нормално функционирање на претпријатието.
„Во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“, истакна Глогоров, посочувајќи дека долговите кон ЈСП оневозможува нормално работење и создаваат проблеми.