Повикување на бојкот на Пописот е кривично дело, кое се смета исто што и организирање отпор и непослушност кон законити одлуки и мерки на државен орган, истакнаа владините портпароли на денешната прес-конференција, заедно со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.
Тие посочуваат дека учеството во Пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата. Според Кривичниот законик, организаторите на бојкотот може да добијат парична казна или затвор од една до пет години.
Портпаролот Арсовски информираше дека за теренскиот дел е обезбеден потребниот број на попишувачи и дека почнува обуката на реонските инструктори.
Во однос на активностите во дијаспората, досега се самопопишале 137.114 македонски државјани кои живеат во странство, а претставничката на ДЗС Ѓоргиева соопшти дека најголем е бројот во Швајцарија, Германија и Италија, како и дека е забележан и раст во САД и Канада.
Портпаролот Арсовски посочи дека податоците од Пописот се доверливи и заштитени по највисоките стандарди и со учеството во оваа статистичка операција секој придонесува државата да има релевантни и точни податоци, а не претпоставки, за да може да се креираат политики за натамошен развој.