Од почетокот на реализација на „Денот на дрвото – засадија својата иднина“, па до 2016 година, за оваа национална акција биле потрошени 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно заседените садници, информираа од Владата по својата последна седница.
Владата со „Македонски шуми“ на седницата ги разледуваше и средствата потрошени за засадувањето палми, исто така дел од оваа акција. Во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала, а за нив биле потрошени 31 милион денари, односно околу пола милион евра.
На седницата, велат од Владата, усвоена е и „Информација за изработка на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките“.
„Согласно препораките, преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО. Владата го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во рок од 10 дена од усвојувањето на Информацијата“, соопштија од Владата.