Добитник на „Мостови на Струга“ за 2021 година, е српскиот поет Владан Кречковиќ. Наградата се доделува за најдобра дебитанстка поетска збирка од млад автор (под 35 години), во склоп на „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO.
Одлуката беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година, свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
Наградата ја доби за неговата збирка „Париз, Тексас“, во издание на Енклава. Во рецензијата за збирката се вели:
„Веќе од самиот наслов на првата збирка песни на Владан Кречковиќ, Париз, Тексас е назначено на кој начин би требало да се читаат песните што се пред нас. Алудирајќи, пред сѐ, на култниот филмски класик на Вим Вендерс, но и на филмот Чанкинг Експрес на ништо помалку култниот Вонг Кар- Ваи, што говорат за тоа колку животот може да биде безволен и без смисла по прекинот на емотивните врски, Владан Кречковиќ на мошне суптилен и непретенциозен начин ја раскажува приказната за разделбите обидувајќи се преку патувањата, гледањето на семејните фотографии, наоѓањето соговорник во странецот што оставил коменар на Youtube, преку непрестајното сеќавање и преиспитување, да најде потпорна точка од која неговиот живот може да продолжи со вообичаениот тек. Оваа книга нуди поинаква перспектива на романтичната загуба без грам патетика и претставува исчекор во просторот на новата чувствителност.“
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 25 до 30 август.
На конкурсот пристигнале 46 стихозбирки од кои 36 ги задоволувале формалните критериуми. Во најтесниот избор на кандидати за добитници на наградата беа: Џерардо Масучо (Италија), Тариро Ндоро (Зимбабве/Велика Британија) и наградениот автор Владан Кречковиќ.
Владан Кречковиќ е роден во Белград, 1988 година. Дипломирал Новинарство и комуникологија на Факултетот за политички науки на Белградскиот Универзитет. Неговата поезија е објавувана во неколку книжевни списанија: „Градина“ (Gradina), „Чекори,(Koraci), „Факел“, (Buktinja) и веб порталите „Астронаут“, „Страници“ (Strane) и „Афирматор“. Париз, Тексас е неговата прва поетска книга. Покрај поезија, тој пишува проза, а неговиот краток расказ Исчезнатите беше дел од 41. издание на Ракописи – зборник на проза и поезија од млади автори од земјите на поранешна Југославија.