Владата до четврток чека план од Арсовска за решавање на состојбата со превозот и отпадот

Во Советот на Град Скопје во четврток треба да се предложи предлог-план како да се реши хаосот во главниот град со превозот, отпадот и надлежните претпријатија, а потоа врз основа на тој план Владата ќе носи заклучоци.

Ова беше истакнато од министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој како претставник на Владата, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, попладнево имаше состанок со градоначалничката Данела Арсовска.

На прес-конференција по средбата, Перински рече дека во Владата сега се уште позагрижени отколку што биле пред да се одржи состанокот.

„Накратко, нашите очекувања како Влада беа дека од Градот ќе слушнеме некаков план, или некакви реални потреби кои ние како Влада можеме да помогнеме за реализација на тој план. Не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во Градот, очајна е состојбата во јавните претпријатија. И, како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамките на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од Градот“, посочи Перински.

Очекувањата од Владата не се големи за епилогот од планот, но сепак, рече министерот, ќе почекаат да видат што можат да помогнат, согласно законските ингеренции.

„Конкретно се зборуваше за две јавни претпријатија. Едното е ‘Комунална хигиена’, каде проблемот е најакутен во моментот. Второто е ЈСП, затоа што како Влада сметаме дека за 10-ина денови ќе имаме многу голем проблем во јавниот превоз со почнување на школската година“, нагласи Перински, откако пред два денови директорот на ЈСП откри дека недостасуваат 40 автобуси.

Според министерот, позитивно е тоа што од Градот било аргументирано дека претходната Влада кон ЈСП „Скопје“ нема исплаќано средства од Буџетот за превоз на студентите, што практично, тврди тој, било пречката за нормално функционирање на претпријатието.

„Согласно ребалансот оваа Влада практично го исервисира долгот на јавното претпријатие во делот на кредитната линија за набавка на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање, пред се’ меѓу вработените во Градот Скопје, пред се’ во рамките на Советот, а ние како Влада стоиме на располагање да помогнеме“, потенцираше Перински.

На новинарското прашање дали оставаат простор прво градоначалничката да го реши проблемот со ѓубрето, или Владата понудила стратегија, тој рече надлежностите на Градот и Арсовска се строго утврдени по закон.

„Секое постапување и непостапување по истите е кривично дело. Ние како Влада немаме ингеренции во делот собирање и транспортирање на комуналниот отпад, тоа е нивна ингеренција (на Град Скопје н.з.). Меѓутоа, разочарани сме од менаџментот на претпријатието, а пред се’ од менаџментот на Градот. Ние немаме ниту еден заклучок во која состојба сега се наоѓа ‘Комунална хигиена’. Ние не знаеме со каква механизација, со колку вработени располагаат во моментов. Затоа мислиме дека е соодветно да го слушнеме планот од Градот, пред ние да носиме заклучоци како Влада“, одговори тој.

Исто така, за делот на отпадот, рече дека на територија на Скопје има 1.000 микролокации од кои не се чисти ѓубрето, за што очекувале одговор од Арсовска.

„Од нивна страна беше предочено дека програмата за дополнителни средства, т.е. обезбедување на сезонци, не била помината оваа година на Совет и, аналогно на тоа, немало доволно работници кои би можеле да се вклучат во одлагањето на отпад. Во ред, ако оваа година не е поминато на Совет, мината – беа вклучени сезонци, па повторно имавме несоодветно третиран смет по скопските улици. Од тој аспект велиме, конструктивност – да, но не можеме да ја работиме вашата работа, а вие да земате плата“, рече министерот.

Поради нехигиената во Скопје, градоначалниците на општините на 14 август побараа да се одземат ингеренциите на „Комунална хигиена“, но и на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Сепак, барањето на ЗЕЛС не било дискутирано на средбата.

„Ние како Влада бараме правен механизам како тоа би се спровело во рамки на постоечките закони. Бидејќи, не е едноставно само да донесете некој заклучок, без да се увидат правните нормативи“, посочи Перински.

Во однос на новинарското прашање дали Владата може да направи линк со кинеските производители на автобуси и набави делови за ЈСП, Перински вели дека набавката е обврска на претпријатието, а не надлежност на Владата.

На средбата од Владата не побарале Арсовска да си даде оставка.

„Состанокот беше практично во конструктивна насока, да видиме дали можеме да ги решиме проблемите. Ако си замине во моментот, сметам дека тоа е едно од решенијата на проблемите, но мене ми требаат ад-хок решение, системско. Ние имаме проблем во девет јавни претпријатија. Кородиран е системот во рамки на Градот Скопје во изминатите три години и за тоа некој треба да сноси одговорност, но не е мое да кажам“, рече Перински.

Арсовска денеска не даде изјава за медиумите, туку од Град Скопје стигна соопштение дека утре, вторник, од 11 часот во нивните простории ќе се одржи прес-конференција за исходот од денешниот состанок во Владата.

Бојан Шашевски