Владата на вчерашната седница донела одлука за доделување стипендии на странски државјани со македонско потекло.
На предлог на Министерството за образование и наука (МОН) одлуката предвидува 50 стипендии за странски државјани, студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети, и тоа: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје и Универзитетот во Тетово, во студиската 2023/2024 година.
На вчерашната 176-та седница Владата донела и Одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од втор циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово, Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во академската 2023/2024 година.
Од Владата информираат дека по предлог на МОН вчера е донесена и одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од трет циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, во академската 2023/2024 година.