Со владина одлука ќе се овозможи бесплатна замена на важечките возачки и сообраќајни дозволи за граѓаните, соопштија денеска на заедничката прес-конференција вицепремиерот Фатмир Битиќи и заменик-министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
„На владината седница донесовме неколку важни одлуки за граѓаните, кои како решенија ги донесе работната група која последниве две недели работеше, во која учествуваа неколку ресорни министри како МВР, МНР, МФ, а која ја предводев јас како заменик претседател на владата. Денешните одлуки се предлог токму на оваа работна со кои го задолживме МВР да ги преземе сите правни акти со што ќе се овозможи возачките и сообраќајните дозволи за сите граѓаните на Република Северна Македонија да бидат промени без надомест“, рече Битиќи на прес-конференцијата.
На владината седница била донесена и одлука за обезбедување бесплатни патни листови за сите граѓани кои живеат надвор од земјата, а кои имаат потреба да се вратат за да извадат пасоши.
„Дополнително, МНР исто така се задолжи да преземе активности за соодветно издавање на патните листови каде што нема ДКП-а, да биде направено онлајн и да бидат испратени по пошта“, истакна Битиќи.
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојманцалиев пак посочи дека дека службите во МВР ги изготвуваат сите интерни акти за да може да се спроведе одлуката.
„Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите колеги кои работат во управните служби изминатиот период кои работат и во смени и за викенди и празници кои дадоа свој личен допринос за промена на патните исправи и на личните документи и на сите останати документи кои граѓаните требаше во изминатиот период да ги променат од Република Македонија, со новото име Република Северна Македонија и би сакал да ги информирам сите дека утре на своите сметки ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата кои ги имале во МВР и исто така и тој акт е потпишан и од мене и од министерот“, рече Бојманцалиев.
Инаку, вчера Собранието ги усвои измените на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата со кои се овозможи возачките дозволи да продолжат да важат до крајот на годинава, по бурните реакции на јавноста.