Како резултат на топлотниот бран и состојбата со пожарите, Владата синоќа заседаваше и донесе одлука за кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена.
Од Владата го задолжуваат Министерството за внатрешни работи да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите. Истовремено, се задолжува Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, а Министерството за финансии да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
За операционализација на Одлуката, а по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи, Владата му предлага на Претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата. Односно, вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици.
„Се задолжува Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата. Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување“, соопштуваат од Владата.
Истовремено, Владата упатува апел до граѓаните за внимателност при движењето во шуми и шумските појаси и областите зафатени со пожари.
„За ова, се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми ‘Национални шуми’ – П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси“, се вели во соопштението од Владата.