На последната седница Владата донесе Одлука за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од источниот и североисточниот регион со која се опфатени и над триесеттина диви ѓубришта. На истата седница, е донесена Одлука за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино.
Одлуката, како што стои во владиното соопштение, е донесена врз основа на предлогот на Комисијата за стратешки инвестициони проекти која што го разгледала целокупното барање и документација и изврши техничка, финансиска и правна процена на досието на проектот за проектот „Фабрика за производство на зелена енергија“ и врз основа на утврденото дека проектот ги исполнува условите согласно Законот за стратешки инвестиции да се стекне со статус на стратешки инвестиционен проект.
Инаку ваквите планови за отворање фабрика за преработка на отпад во Неготино, наидоа на силни критики од локалното население. Граѓанските активисти, на јавната трибина која пред минатата недела се одржа во Неготино, му посочија на премиерот Зоран Заев дека не сакаат ваква постојка во своја близина. Премиерот, пак, ги убедуваше граѓаните дека фабриката ќе го реши загадувањето од депониите и дека нема да загадува, бидејќи ќе работи како инселератор без оџак, односно ќе биде од затворен тип.