Владата, на синоќешната седница, донела Одлука за регистрираните производители на леб да го произведуваат и ставаат во промет белиот и полубелиот леб, а за регистрираните трговци да го прибавуваат и продаваат, соопштија од владината прес-служба. Одлуката е предвидено да се применува до 31 мај 2023 година.
„Со одлуката, се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел)“, велат од Владата.
Трговците, правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар, согласно владината одлука, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и да продаваат најмалку 80 проценти од белиот и полубелиот леб – сечен на парчиња или цел, објаснуваат од Владата.
„Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет белиот или полубелиот леб (сечен на парчиња или цел), во количина од најмалку 80 проценти од производството на овој леб во месец декември, 2022 година. Трговците посочени во оваа одлука, за испорачаните видови леб посочени во оваа одлука, на производителот на лебот, треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на фактурата за испорачаниот леб“, додаваат од Владата.
Во образложението на одлуката се наведува дека Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај на сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните и нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.
„Имајќи го предвид наведеното, според членот 30 став 1 алинеја 6 од Законот за трговија, Владата може да определи обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед“, посочуваат од Владата.
Ваквата одлука доаѓа откако Владата претходно ја замрзна цената на белиот и полубел леб на 33 денари, во тежина од 450 грама и повеќе, како и цена до 33 денари за лебот со тежина под 450 грама, односно цена што ќе биде во сооднос со тежината на лебот.
Пекарската индустрија се закани дека ќе го запре производството и испораката на леб, па така, во одредени маркети се забележува недостаток на овој основен производ.