„Почнувајќи од 5 април свежите домати нема да може да се продаваат повеќе од 70 денари, краставиците нема да може да се продаваат повеќе од 75 денари. Највисоката цена на кромидот ќе изнесува 60 денари, за карфиолот 70 денари, пиперките 90 денари, највисока цена на гравот е утврдена 75 денари, за леќата 110 денари, бананите 70 денари, портокалите 55 денари, мандарините 60 денари и лимонот 55 денари“ информираше денес министерот за економија, Крешник Бектеши.
Новата владина одлука за замрзнување на овошјето и зеленчукот ќе важи до крајот на овој месец. Министерот Бектеши на денешната прес-конференција ги повика сите трговци да ја почитуваат и да ја спроведуваат одлуката која ќе важи до крајот на месецот. Тој додаде дека по извршен надзор утврдени се маржи на центи кои во март достигнувале и до 200% и 250%.
На конференцијата се обрати и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски кој рече дека се извршени над 1.800 надзори и издадени се над 20 прекршочни платни налози во вредност од над 2,5 милиони денари.
„Нема да дозволам да има исклучоци и секој кој прекршил одлука, закон, законски пропис ќе биде санкциониран со соодветна казна, а казните се високи од 800 – 10.000 евра, во овој случај, во зависност од големината на субјектот“, кажа директорот Трајковски.