Владата го одобри планот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС  

На вчерашната седница Владата донесе Решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје.

„Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности ‘Полиеко’ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД ‘ОХИС’- Скопје“, се вели во соопштението на Владата.

Ова значи, одобрен е планот за чистење на една од двете, односно малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) потврдуваат дека министерот Насер Нуредини денес го потпишaл  Решението, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на контаминираната почва.

„Во постапката се издавање на две дозволи за извоз на опасен отпад од страна на МЖСПП, согласно Базелска Конвенција – за во Франција каде ќе се извезе линданот и за во Холандија каде ќе се извезе контаминираната земја под линданот. Според временската рамка предвидено е процесот на отстранување на дел од малата депонија, да заврши до почетокот на наредната  годината доколку дозволат условите со пандемијата, при што би се отстраниле првите количини (~ 700 тони) на почва контаминирана со HCH и чист HCH отпад“, велат од МЖСПП.

Инаку, оваа локација е на врвот на листата со т.н. жешки еколошки точки, направена уште во 2005 година. Инвентарот дојде по декади индустријализација, засилено експоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии.

Депониите со линдан се наследство од депонирање пестициди, опасни неразградливи органски полутанти. Кога ќе појдете таму, уште е присутен непријатен мирис. Прашината од двете депонии се шири низ Пинтија, Кисела Вода и цело Скопје.

Големата депонија во ОХИС

Во поголемата има натрупано околу 30.000, додека во помалата 10.000 тони земја со линдан. Загадени се подземните води и почвата, но локалитетот е контаминиран и со хлор, жива и со други загадувачи.

Иако низ годините беа направени разни испитувања, дома и во странство, уште не е почнато официјалното чистење. Беше одобрен проектот на ГЕФ за деконтаминација во период од 5 години, а лани преку меѓународен тендер на УНИДО избрана и грчката фирма „Полиеко“, која отпадот од малата депонија треба да го третира надвор од државата. Тек после тоа може да се очекува и чистење на големата депонија.

Б.Ш.