Владата на Република Северна Македонија денеска донесе одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење во поткатегорија – исклучително значење, информираат оттаму.
Со донесувањето на оваа одлука, како што додаваат оттаму, се обезбедува трајна заштита на Аквадуктот кој е изграден во VI век, а кој бил целосно реконструиран кон крајот на XV век.
Од Министерството за култура посочуваат дека ваквата одлука следува по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес, за кој велат дека долги години бил закочен во надлежните институции.
„Со ревалоризацијата на Аквадуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита. Одлуката овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува конечно да започне и неговата физичка заштита“, стои во соопштението на ресорното министерство.
Оттаму, додаваат и дека со одлуката, Аквадуктот се вбројува во уставната категорија „добра од општ интерес за Република Северна Македонија“ и дека ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство.