Владата на Република Северна Македонија денеска го усвои нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во четврта категорија Парк на природа, по што истиот ќе се достави до Собранието, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Оттаму велат дека освен тоа што донесувањето на овој закон значи исполнување на препораката на УНЕСКО, ќе овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните вредности, како и спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите.
Дополнително, велат дека со донесувањето на законот ќе се создадат поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.
Истовремено, Владата донела и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје, исто така во четвртата категорија Парк на природата, со што ќе се пристапи кон изработка на нацрт-закон за блатото.
„Предлогот за прогласување на ова подрачје за заштитено е поткрепен со Студија за валоризација на Белчишко Блато-Парк на природата изработена во согласност со Законот за заштита на природата и е основа за подготовка на Предлог Закон за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје“, додаваат од МЖСПП.