Просечната активна транспарентност на Владата, министерствата и на општините за 2023 година изнесува 76% (од максимално можни 100%) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени, покажа новиот Индекс на активна транспарентност кој го објавува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во кој се вклучени 98 институции.
Податоците покажуваат дека активната транспарентност годинава ја подобриле 54% од институциите, што е помалку од лани, кога се подобриле 81% од институциите. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86%, а на општините 74%. За разлика од лани, министерствата се подобриле за помалку од еден процент, додека општините се подобриле за 4%.
Исто како и лани и оваа година Владата на Северна Македонија и Министерството за одбрана се единствени со максимален резултат, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност. Општините Велес и Гевгелија се веднаш зад нив со по 98,6% активна транспарентност, додека на петтото место се наоѓа Министерството за финансии која има објавено 98,1% од предвидените информации.
Најслаба активна транспарентност има Општина Арачиново, која има објавено само 28,99% од потребните информации, а на последните три места се наоѓаат и општините Лозово (30,43%) и Зелениково (36,23%). Од министерствата најлош скор има Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кои имаат објавено само 52,2% од потребните информации.
Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (83%), додека на последно место останува Скопскиот Регион (66%).
Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57% од можни 100%, а министерствата 62% од можни 100%).
Од ЦГК посочуваат дека се влошила состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер кои им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговориле во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговориле за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 % од институциите одговориле во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сториле 93% од институциите).
Активната транспарентност по институции може да се погледне и на веб-страницата www.aktivnatransparentnost.mk со преглед за секоја институција од 2016 годинава наваму.