Тендер за набавка на вода во пластични шишиња беше објавен денеска иако Владата ја прифати иницијативата на Министерството за животна средина за престанок на набавки на пластика за еднократна употреба и пластична амбалажа во државните институции.
Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија денеска (17 јануари) објави оглас за набавка на „минерални води (газирани и негазирани), овошни сокови и ладни чаеви. Во дел од набавката, од службата бараат и 63.000 парчиња „ниско минерална природно изворска вода негазирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Покрај тоа, се бара понудувач и за 19.200 парчиња „ниско минерална природно изворска вода газирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Меѓудругото, јавната набавка предвидува и 50 парчиња природно изворска негазирана вода во ПВЦ амбалажа во галони од 19 литри.
Од Владата за Радио МОФ велат дека и понатаму ќе употребуваат вода во пластика, поради теренски активности.
„Новата набавка на пијалаци е иста како и количините коишто се набавувале и претходните години, само што сега 70 отсто од пијалаците се набавуваат во стаклена амбалажа, а останатите во пластична, картонска и лимена амбалажа. Дел од пијалаците и понатаму се набавуваат во пластична амбалажа, бидејќи ќе се користат за теренски активности за потребите на Владата, претседателот на Република Северна Македонија и Собранието. При теренски активности стаклените амбалажи не се соодветни од безбедносни причини,“ велат од Влада.
Владата на својата редовна 171 седница што се одржа во Куманово лани во декември, ја разгледа и ја усвои Информацијата за престанок на користење на пластична амбалажа во органите на државната управа.
„Со ова, ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на Претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријатот и други стручни служби на Владата и Уставниот суд на Република Северна Македонија, да не набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање на кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба“, соопштија тогаш од Влада.
Мартин Колоски