Владата им додели премија од 3 милиони денари на македонските ракометни репрезентативци, како резултат на достоинственото претставување и пожртвуваноста на македонските спортисти на Светското првенство во ракомет што се одржа во Хрватска, соопштија од Владата.
„Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Македонските ракометари денеска во Владата ги прими премиерот и министерот за спорт Борко Ристовски.
„Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, рече Мицкоски.