Владата итно да се посвети на довршување на пругата кон Бугарија, бара ЕУ

Итно да се забрза изградбата на железничкиот Коридор 8, со посебен акцент на распишување на тендерот за изведба на третата фаза од пругата кон Бугарија, на потегот од Крива Паланка до македонско-бугарската граница. Ова е само дел од клучните препораки од Европската комисија (ЕК) во поглавјата за транспорт и трансевропските коридори во најновиот Извештај за напредокот на С.Македонија на патот кон ЕУ за 2023 година, пренесува агенцијата Мета.

Во Извештајот се наведува дека подготовката за распишување на тендерската документација за третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија значително доцни. Истовремено, Европската Комисија нотира дека изведбата на пругата од Куманово до Крива Паланка започнала во ноември 2022 година со два нови изведувачи на работите. Сепак, од ЕК констатираат:

„Потребни се дополнителни и итни напори за да се забрза напредокот на железничкиот Коридор VIII и другите приоритетни делови од железничката и патната мрежа“.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк објаснуваат дека ќе постапат по препораката на Европската комисија, односно додаваат дека веќе е изготвена  тендерската постапка за изградба на третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија.

„Истата е институционално усогласена и е доставена до Делегацијата на Европската Унија на одобрување, од причина што дел од средствата за изградба на оваа пруга се обезбедуваат преку ИПА компонентата“, велат за Мета.мк од Министерството за транспорт и врски.

Критики од Европската комисија има и за делот на изградбата на автопатите на Коридорот 8 од „Бехтел-Енка“, првенствено во насока на обезбедувањето транспарентни постапки за набавките од власта, како и за законските измени кои беа донесени во македонскиот парламент со европско знаменце, односно по скратена постапка, за да се забрза изградбата на автопатските делници.

„Измените за забрзување на изградбата на четири автопатски делници долж Коридорите VIII и X-d беа усвоени во мај 2023 година со користење на скратената постапка со „знамето на ЕУ“, иако тоа не беше соодветна употреба на постапката. Се очекува од Северна Македонија да ги почитува обврските кои произлегуваат од Договорот за стабилизација и асоцијација, како и да се задржи усогласувањето со правото на ЕУ за време на процесот на пристапните преговори“, стои во Извештајот за напредокот на С.Македонија за 2023 година.

Во Извештајот на ЕК се констатира дека С.Македонија е умерено подготвена во делот на транспортот, односно дека ограничен напредок бил постигнат во 2023 година во имплементацијата на реформите кај транспортот и реализацијата на трансевропските коридори.

Бидејќи препораките од претходната година не беа имплементирани, велат од Европската комисија, земјава треба наредната година особено да работи на зајакнување на оперативните и техничките капацитети на сите институции кои се занимаваат со развој на мрежата на трансевропските коридори. Од нас како земја се бара мобилизација на ресурси за спроведување на Договорот за транспортната заедница и за постигнување на целите и роковите во акциските планови.

Европската комисија критикува дека не се завршени постапките за воспоставување на заедничките железнички премини со соседите, вклучувајќи ги Косово, Србија и Грција. Бара да се спроведат одредбите од протоколот за заеднички железнички граничен премин со Косово, како и да се постигне договор со Грција за воспоставување за заеднички железнички премин Кременица-Неос Кафкасос. Истовремено, се критикува дека до денес не се заокружени финансиите за заедничкиот граничен премин со Србија кај Табановце.

Од Министерството за транспорт и врски во однос на ваквите забелешки појаснуваат дека сите протоколи за отворањето на заеднички железнички граничен премин со Косово се потпишани, а единствено се чека на Косово да ја доврши реконструкцијата на железничката инфраструктура на нивна територија. Во однос на заедничкиот железнички премин со Грција, информираат дека нашата земја испратила иницијатива за овој проект до Грција, но нема одговор од нив.

„Во однос на отворање на заедничка железничка станица со Р. Србија, од аспект на билатерални протоколи меѓу двете земји сите спогодби се потпишани, дефинирана е заедничка железничка станица на Табановце. Проектот за железничка станица е изготвен, изготвен е и проектот за пристапниот пат до станицата и обезбедени се средства преку ВБИФ во висина од 2,4 милиони евра. За реализација на проектот побаран е заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 5 милиони евра, за што очекуваме повратен одговор од банката“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Во Извештајот за напредокот на С.Македонија на патот кон ЕУ за 2023 година се бараат реформи за имплементација на процесот за либерализација на пазарот кај железничкиот превоз во земјава, каде што постои државен монопол во товарниот и патничкиот сообраќај.

Во наредната година од македонските власти се бара да го отворат пазарот на железничкиот транспорт преку измени во националното законодавство, односно да можат и приватни оператори да сообраќаат по пругите во земјава.

Во однос на ваква критика од Европската Комисија, Министерството за транспорт и врски вината ја префрла до Собранието на РСМ. Тие велат дека Законот за реформирање на железничкиот систем уште во јуни е поминат на влада и е доставен до Собранието.

Европската комисија како една од клучните препораки што ги дава е и усвојувањето и спроведувањето на законодавството за интелигентните транспортни системи (ИТС) на македонските патишта.

Сепак, самата имплементација на интелигентните транспортни системи доцни, особено на автопатот долж Коридорот 10. Најновото ветување на Министерството за транспорт и врски е дека во 2024 година ќе се постави видео-надзорот, заедно со електронската сообраќајна сигнализација и другите сегменти за дигитализација на управувањето на сообраќајот на јужната делница од автопатот на Коридорот 10.

„Во однос на законската регулатива, ве информираме дека подготвена е работна верзија на закон за ИТС системи преку кој ќе се имплементира директивата на ЕУ за ИТС системи. Формирана е работна група и во овој момент се врши усогласување на законските прописи“, појаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Мета